Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу денеска ја посети општина Чаир. На работниот состанок со градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу се разговараше за функционирањето на општината и испораката на локалните услуги кон граѓаните, како и за приоритетните проекти за општината.
Градоначалникот Ганиу го информираше министерот Фазлиу дека општина Чаир нема големи долгови кои што би го загрозиле функционирањето.
Недоволност се јавува кај блок дотацијата за основно образование, пред се поради високите трошоци за греење и за струја, затоа што општините плаќаат индустриски тарифи како и деловните субјекти кои што остваруваат профит, рече градоначалникот Ганиу кој што побара и редефинирање на критериумите за определување на блок дотациите во областа на образобанието.
Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу истакна дека оваа работна средба ја користи за информирање со предностите и предизвиците со кои што се соочува општина Чаир, за да може на најдобар можен начин да им се помогне на општините во остварувањето на нивните функции. Министерот Фазлиу информираше дека интересорска работна група работи на анализа за утврдување на начините за поправедна и потранспарентна распределба на блок дотациите за општините.
На состанокот како приоритетни прашања за општина Чаир беа истакнати инфраструктурата, сообраќајот и недостаток од училишен простор. За таа цел градоначалникот веќе побарал подршка од Владата и од неколку ресорни министерства, за реализација на приоритетните проекти.
Министерството за локална самоуправа има одлична соработка со општина Чаир. И на општина Чаир и на сите други општини им стоиме на располагање за поддршка во решавањето на сите прашања што го отежнуваат функционирањето на општината, директно и во координација со другите министерства, рече министерот Фазлиу, кој истакна дека општината на располагање ги има и средствата од ИПА Програмата за прекугранична соработка и од програмата за рамномерен регионален развој, за кои што е одговорно Министерството за локална самоуправа.