Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески учествува на меѓународната конференција “ТЕН-Т денови 2018” која се оддржува во Љубљана, Словенија.  

Во рамките на конференцијата која е посветена на равој на инфраструктурата во регионот, со посебен акцент на граничните премини и олеснување на транспортните услуги, министерот Сугарески ги претстави целите и проектите на Република Македонија за олеснување на транспортот на стока и патници со соседните земји.  

“Во рамки на Агендата за поврзаност, во тек е Проектот – Студија за олеснување на граничните постапки на седум гранични премини, дел од СЕЕТО главната и сеопфатната мрежа во Република Македонија. Во моментов, на сите гранични премини контролата се врши од двете страни на границите за патници и за стока. Наша заедничка цел кон која треба да се стремиме е воспоставување на заеднички контроли на одредени гранични премини, за што Република Македонија има веќе превземно конкретни чекори,” истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Mинистерот во своето обраќање го потенцираше проектот за изгрaдба на заеднички железнички премин со Република Србија што треба да се изгради кај Табановце.

“Како позитивен пример се интензивните активности кои ги превземаме заедно со Република Србија кои треба да резултираат со современ заеднички граничен железнички премин.

Што се однесува до олеснување на постапките за транспортните услуги со Косово, во наредниот период заедно со мојот колега од Косово ќе треба да ги дефинираме идните активности, имајќи предвид дека, согласно ратификуваната Спогодба, заедничката гранична железничка станица е предвидено да биде на косовска територија.  

Се надеваме дека во периодот кој претстои, вакви спогодби ќе потпишеме  и со Република Грција за двата гранични премини” истакна министерот Сугарески.  

Во рамките на конференцијата, министерот Сугарески оствари неформална средба со Еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц, на која се разговараше за инфраструктурани проекти во Република Македонија и нивното финансирање со поддршката што ја овозможува Европската Унија.

Исто така, министерот Сугарески оствари и билатерални средби со министрите за транспорт од регионот, на кои средби ги потенцира заложбите на Република Македонија за реализација на крупните инфраструктурани проекти за регионално поврзување.