Утре почнува судењето за Мендух Тачи, Сашо Мијалков и поранешните членови на Државната изборна комисија, Сашо Срцев, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска и Влатко Сајковски во предметот на специјалното јавно обвинителство „Титаник 2“. Судиите од управниот суд Билјана Никодиновска-Петровска, Лидија Ивановска, Благородна Рангелова, Анета Џигерова и Газмент Фејзула куртулија од кривична одговорност, иако по барање на судијката Верка Петковска, Судскиот совет им го симна имунитетот, а Апелациониот суд ја одби жалбата на СЈО за обвинението со кое тие беа опфатени. Предметот ќе го суди судијата Огнен Ставрев, кој ги суди случаите „ТНТ“ и „Монструм“.
Сите обвинети во „Титаник 2“, освен Сашо Мијалков, кривично ќе одговараат за злоупотреба на службената положба и овластување, а ексдиректорот на УБК ќе одговара за кривичното дело „примање награда за протизаконито влијание“. Ова е четврто обвинение за Мијалков по „Трезор“, „Таргет-Тврдина“ и „Тортура“. Од објавените бомби, може да се слушне како Сашо Мијалков и Мендух Тачи се договараат за гласање за поднесените приговори до Државната изборна комисија. Апелациониот суд прифати две бомби да бидат дел од доказите во овој предмет.