Мухамед Халили: На Западен Балкан му треба мир и обединување, а не распарчување

20

Трагедијата е во тоа што нон-пејперот не решава ниеден проблем, туку ги отвора раните од времето и амбициите на Милошевиќ за Голема Србија, вели поранешниот амбасадор
Зад него стои богато политичко искуство – партиско, пратеничко, министерко, амбасадорско. Минатата недела беше избран за нов претседател на Здружението за надворешна и меѓународна политика Совет на Амбасадори. Со Мухамед Халили разговаравме за последните политички случувања во земјава, за растечкиот вакцинален колонијализам и за интеграциските перспективи на земјата во пресрет на разни нон-пејпери, со кои се исцртуваат нови граници за земјите на Балканот.

ДВ: Нон-пејпери без признато авторство деновиве ги вознемирија земјите од Западен Балкан. Според вас, кои се мотивите за такви предлози за решавање на проблемите во регионов: станува збор само за ладни проби во време кога ЕУ е презафатена со самата себе, или сепак се работи за обмислени планови, желби и ставови на лидери кои тоа не сакале јавно и гласно да кажат?
-Како Совет на Амбасадори се изјаснивме за словенечкиот нон- пејпер негиран потоа од Јанша, но потврден од Еди Рама, и немам повеќе што да додавам. Сепак, од мое лично видување неразбирливо е во име на една пријателска земја како Словенија, некој да бара отворање на нови проблеми околу тематиката на, веќе со голема мака затворени проблеми, и за создавање нови. Трагедијата е во тоа што нон-пејперот не решава ниеден проблемтуку ги отвора раните од времето кога амбициите на Милошевиќ за Голема Србија го продуцираа геноцидот во Сребреница, потоа во Рачак-Косово, по што дојде и интервенцијата на НАТО против ЈНА. Јас не сум во состојба да ги објаснувам мотивите на таквото писание, ниту пак можам да го видам профитот на Словенија во целиот тој план, под услов така и да се реализира. На крај, кој во ЕУ го прашува Јанша за такви идеи и планови? Што има интерес Европа во целиот овој хаос со коронавирусот да отвори и воени фронтови во традиционално чувствителни региони? На Западен Балкан му треба мир и обединување, а не распарчување. Светот не гледа ли дека пропаднатите воени планови и интервенции во Ирак и Сирија создадоа децениски катастрофи – реки од бегалци, урнатини, хуманитарни кризи, изгубени човечки животи, економски кризи?
Јас лично можам да претпоставам дека можеби изворот се наоѓа кај структурите на Гренел и неговото опкружување за време на Трамп.
Би било доброЈанша да пишуваше нешто попаметно, на пример, како Македонија и Албанија да добијат датум за преговори, како побрзо да се одржи меѓувладината конференција ЕУ-Македонија, како ЕУ да биде посолидарна со сиромашните земји на Западен Балкан, кандидати за полноправно членство во ЕУ.
ДВ: Како земјава да има очекувања од словенечкото претседателство со ЕУ, во време кога се шпекулира дека спорните предлози го носат и ракописот на Љубљана?
-Сепак мислам дека во Словенија и понатаму треба да веруваме како земја пријател која ефективно ќе се залага за скратување на патот на Република Северна Македонија кон ЕУ. Многу пати личниот став на премиери или претседатели на држави не значи дека тоа е и колективен став на таа држава. Ако сакаме да успееме треба да се потпираме на нашите сопствени сили, на пример, како да бидеме поефективни во борбата против организираниот криминал, како да создаваме ефективен судски систем, како да ја департизираме земјата, како да ја јакнеме економијата, како да бидеме ефикасни против пандемијата. Тоа се предуслови да бидеме успешни на нашиот интегративен пат. Ние три децении се жалевме дека ги исполнуваме сите услови, но Грција не ни дава да бидеме членка. После триесет години проблемот со Грција го решивме, но внатрешните проблеми останаа нерешени и понатаму и се главна пречка на нашиот интегративен пат.

ДВ: Покрај „бурето барут“ кое повторно се подгрева, македонско-бугарскиот спор и натаму е во ќорсокак. Има ли воопшто можност за излез од оваа ситуација, ако најголемиот дел од барањата на Софија ги засегаат нашите идентитетски прашања?
-Македонско-бугарските односи со години поминале низ разни Сцили и Харидби. По ерата на Тодор Живков не паметам таков интензивен еруптивен развој на тие настани како што е сега. На почетокот на осамостојувањето, Бугарите беа коректни: меѓу ретките заедно со Турција ја признаа земјата под уставното име. Нашите политички гарнитури се колебаа меѓу Србија и Бугарија. Разбирливо е дека и странците (Даглас Херд, британскиот МНР) го советуваа Глигоров да остане што поблиску до Србија. Со криминалната продажба на „Окта” Грците влегоа во енергетскиот сектор на земјата, беа втор странски инвеститор. Сега после Преспанскиот Договор Грците ни го контролираат небото! На Австријците им го продадовме „ЕСМ” за ситни пари. За време на една посета на претседателот Трајковски во Бугарија, двајцата претседатели се договорија за развој на инфраструктурата на Коридор 8. На барање на Трајковски, како заменик-министер за надворешни работи на Македонија се сретнав со албанскиот заменик-министер Луан Хајдарага и со бугарскиот заменик- министер, ми се чини беше Пеев, за да потпишеме Меморандум за соработка за изградба на Коридорот 8. Некои просрпски структури во МНР, и ден денес влијателни во политичкиот живот, го убедија министерот Чашуле дека коридорот нема да поминува на правецот кон Битола до Албанија, туку до грчката граница. И се вратив со празни раце. И ден денес Коридорот 8 е пуст. Ниеден километар не е изграден од тогаш! Подобрувањето на односите со Бугарија не оди преку кампања кабелските операторида емитуваат програма на бугарски и македонски јазик, туку подлабоко. Веста дека специјалниот пратеник утре или задутре заминува на разговори со државниот врв на Бугарија не е никаква вест. Тоа треба да е парманенто изградена долгогодишна стратегија на развој на билатералните односи. Во суштината на македонско-бугарските односи не е само националниот идентитет на Гоце Делчев, тоа се мноштво геополитички, билатерални, регионални, економски, социјални и инвестициски прашања. А обидот Бугарите да наметнат етнички, јазичен и културен идентитет на една друга нација е смешен и неприфатлив во времето во кое живееме, и сум убеден дека Бугарите ќе попуштат во тој аспект. Но јас не можам да дефинирам кога ќе се омекнат тие тврди ставови на бугарскиот државен естаблишмент. Ефективно треба да работиме за да не траат триесет години, како со Грција.

ДВ: Нашата дипломатија, често пати добива домашни критики дека е предмет на тешки импровизации, а одредени потези (изнудени пред сѐ, од налетот на пандемијата и потрагата по вакцини) беа доживеани и како тешка геостратегиска дезориентација. Чија е вината за сегашниот вакцинален колонијализам – само наша, или и на стратегиските партнери, кои не помогнаа да добиеме макар и симболичен дел од нивните контингенти на вакцини?

-Во целиот тој период имаше смешни сцени, неодлучност и недостиг на визија како да се реши проблемот. Сега почнавме малку да се стабилизираме. Вакцините „Синофарм“ ги баравме кај „Синохидро“, една голема кинеска градежна фирма, прво ставена на тапет од новата влада, а потоа во тесна соработка со истата влада. Заборавивме дека кинеската Амбасада е сред Скопје. А што баравме кај британската МИ 6, знаејќи дека го имаме Благоја Механџиски во Скопје? А и тие од ЕУ и САД копираа нешто од нас: прво високо развиени индустриски држави имаа недостиг на 15 -сантиметарски медицински маски, а мноштво на големи балистички ракети. За време на катаклизмите според светите книги секој бега да си ја зачува својата глава и не мисли на другите. И со вакцината беше така: производителите на вакцините прво тргнаа за профитот и ја заборавија хуманоста. Вакциналниот колонијализам овој пат имаше и боја на вакцинален шовинизам. Што се однесува до солидарноста, подобро што испадна така. Некои блиски земји пријатели ни ветија по неколку стотини вакцини, но и тие не ни ги испорачаа. Тоа е лекција за нас да се потпираме на сопствените сили и да не чекаме помош од други.

ДВ: Што е она што и недостига на македонската надворешна политика за поголем пробив кон центрите каде се носат клучните одлуки?

-Пред cè, има недостиг на квалитетни кадри (поради лошиот избор) кои можат и имаат способности да продираат насекаде, наспроти фаворизирање на партиски кадри поради партиски и лични интереси. Потоа, и поради недостиг на долгорочна стратегија за пробив во центрите на одлучување.
ДВ: Колку случајот „Двојник“може да и наштети на земјата и на нејзината подготвеност за интеграцискиот пат, ако се има предвид дека рефлектира присуство на корупција, бавна истрага и слаби институции со широк филтер за пропустливост на беззаконие?
-Случајот „Двојник” секако дека ќе дава негативни ефекти во однос на понатамошниот пат на Република Северна Македонија кон потполно членство во Унијата. Многу очекувано е дека во наредниот извештај за напредокот на земјата ќе биде повторно актуелизирано зајакнувањето на борбата против организираниот криминал и корупција.Аферата ќе ги даде негативните ефекти и кај визната либерализација, оти тоа е одобрено од Комисијата со посебни услови, меѓу кои е условот за контролирање на начинот и бројот на издавање на пасоши на државјани на други држави, а за криминалци и да не зборуваме воопшто. Многумина од тие кои со двоен идентитет зеле македонско државјанство претставуваат и безбедносен ризик за многу држави.


ДВ: Имате долго политичко и партиско искуство, бевте и пратеник во едни многу поконструктивни времиња во Собранието. Од што страда македонската политика во овој момент?

-Македонската политика во овој момент во целина страда од непостоење на морални принципи во практикување на политиката. Досегашната практика покажува дека занимањето со злоупотребената политика е профитабилна дејност. Многумина политичари наместо нивниот мандат да го поминат во градење на држава и државни институции, го поминуваат во градење на лични, фамилјарни и партиски кули и се засмејуваат на чесноста на нивните претходници. Блокирањето на работата на законодавниот дом поради кои било причини не е применливо, и не е дозволено во ниедна земја. Тоа не е глас на народот, тоа е против нивната волја. Граѓаните бираат нивни претставници во законодавниот дом за тие да донесуваат закони, економски, политички, здравствени и други мерки. За секое подруго однесување пратениците треба да ја консултираат нивната изборна база. Се наметнува прашањето колку пратеници имаат редовни контакти со нивната избирачка база, колку редовни средби имаат со граѓаните, колку се во функција на нивните лични и колективни побарувања? Сметам дека е неминовно на нови избори да се оди со нова изборна регулатива и народот сам да ги бира нивните претставници преку слободен избор, а не преку наметнат диктат на лидерите. Еве прилика и господинот Мицкоски, кој се спротивставува на овој начин на избор, да се докаже како вистински демократ и да прифати пропорционален систем со внатрешен избор на кандидати. Тоа е негов долг кон развојот на демократските процеси во Македонија,

ДВ: Како ја оценувате улогата на Советот на амбасадори и каков е неговиот придонес во однос на надворешната политика?

-Советот на Амбасадори е независно и непартиско здружение, и нашите ставови, препораки и анализи – кои се фокусираат врз креирањето на надворешната политика – немаат партиска припадност, туку државотворна вредност со цел зајакнување на капацитетите на институциите кои ја креираат и практикуваат надворешната политика со унапредување на билатералните политички, економски и културни односи со трети земји, развој на нашата дипломатска мрежа и нејзиното успешно функционирање, активно и успешно учество на нашите дипломатски претставници во мултилатералните организации и меѓународните конференции. Ако цениме според програмските определби, нашата примарна цел е зајакнување на институциите на државата кои ја креираат и спроведуваат надворешната политика.
Советот во досегашниот краток период од две години и во услови на пандемија, воспостави линк на соработка со претседателот на Републиката, премиерот, потоа техничкиот премиер, Секретаријатот за евроинтеграции и дадовме мал придонес во афирмација на надворешната политика на земјата. За жал, досега немавме една интензивна комуникација со МНР, не знам од кои причини, но актуелниот министер за надворешни работи, Османи е многу комуникативен со Советот, и ги поддржува целосно неговите активности. А и ние имаме потреба од таква комуникација, бидејќи МНР е наше матично место. Советот има потреба од техничка поддршка, од сали за конференции, од контакти со дипломатскиот кор, и се надеваме дека нашиот полн капацитет допрва доаѓа.