Палермо доживеа непријатен пораз од Парма во многу незгоден момент и сега заостанува за еден бод зад Фросиноне и девет зад лидерот Емполи во битката за пласман во Серија А, но капитенот Илија Несторовски вели дека тој и соиграчите имаат квалитет да бидат меѓу двете првопласирани екипи кои ќе обебзедат директен пласман во повисок ранг на натпревари.
„Чуден беше мечот со Парма. Не успеавме да одговориме на потребното ниво во првото полувреме. Потоа бевме подобри од Парма, но беше предоцна. Првиот гол не пресече и го примивми од сомнителна ситуација. Помошниот судија го крена знаменцето, но играата не беше прекината. Претходно не ни досудија пенал, но нема веќе враќање назад. Мора да ја победиме Пескара во следното коло и да се вратиме во ритам“, вели Несторовски.
На пет кола до крајот во Серија Б трката за пласман во повисок ранг станува драматична. Емполи е речиси сигурен прволигаш, а Фросиноне, Палермо, Парма и Бари ќе бијат битка за второто место што гарантира настап во калчото следната сезона. Екипите од третата до седмата позиција во бараж ќе играат за третото место што води во најсилната италијанска лига.