НЕФРОН СО ДОНАЦИЈА НА КНИГИ НА ДИАМЕД МАКЕДОНИЈА
Републичкото здружение на бубрежно болни граѓани „НЕФРОН“ – Скопје донираше 100 книги на Центарот за дијализа Диамед Македонија во Струмица. Донацијата за пациентите ја предаде претседателот на огранокот од Струмица, пациент Гоце Милчев.
Оваа акција се реализира во рамки на проектот „Нефрон – Наша библиотека“ под мотото „Овозможете си луксуз на душата кога телото мора да се лекува“.
„Нашата идеја е да се реализира проект со кои ќе се опремат мини библиотеки во центрите за дијализа низ Македонија кои, секојдневно, ги посетуваат пациентите со бубрежна болест и престојуваат по 4-5 часа во центарот на апарат за дијализа. Тргнавме со цел да обезбедиме достапност на книги од сите жанрови за секој заинтересиран читател, секој да може да пронајде нешто по свој вкус и квалитетно, со добра книга, да го помине времето во центарот за дијализа. Затоа, нашето мото е “Овозможете си луксуз на душата кога телото мора да се лекува“, вели Душко Георгиев, претседател на Здружението НЕФРОН.
За Вера Иванова, извршен директор на Диамед Македонија, ваквата акција ја претставува љубовта и меѓусебното разбирање на сите кон пациентите со бубрежни болести.
„Навистина одлична и корисна идеја на здружението Нефрон. Откако тие ќе ги донираат книгите во некои наши центри, ние ќе ја продолжиме мисијата со донации на наслови во сите останати центри на Диамед Македонија. Пациентите ќе имаат можност да читаат за време на третманот и полесно да го поминат денот“, објаснува Иванова.
На барање на здруженито Нефрон, оваа акција со донација на книги досега ја поддржаа неколку издавачки куќи, меѓу кои „Табернакул“, „Магор“, „Три“, „Антолог“, „Бегемот“ и други издавачи. Акцијата преку поголема донација на книги ќе ја поддржи и книгоиздавачката куќа „Матица“ за што преговорите се во тек, а голем придонес, велат од здружението, дал и член – пациент кој бил на дијализа и е со трансплантиран бубрег. Тој донирал книги од изданието „Ѕвезди на светската книжевност“ реализиран преку институцијата каде е вработен.
Освен во Диамед Македонија, здружението Нефрон ќе донира дел од 600 книги и во други центри за дијализа во Охрид и во Скопје.