Се послабо ме греат прегратките на дедо ми, се потивко ја слушам песната што онака старски, со подзасипнат глас некако гордо ми ја пееше сетно, тажно … и почнуваше тивко, на уше : “Јано, морииии, Јааанооо, лелеее …“ И не само таа …Ми велеше меѓу песните, сине, ако ја изгубиш куќата, ќе запнеш, ќе црнчиш и ќе купиш друга. Ако изгубиш некој близок, времето ќе ти ги секне солзите а душата до последниот здив ќе те боли. Ама ако ја изгубиш земјата, името ќе ти биде ТУЃИНЕЦ. Туѓинец на своето. Туѓинец што талка по своето. Ќе талкаш со години по Тафталиџе, Чаир, Дебар мало, на камениот, по Штипско оризари, по широк сокак, под Маркови кули, по Шара, по Вардар, Охрид … Познати патишта, дрво, камен, познато ама не е твое … Ќе искинеш илјадници рала чевли, ќе бараш извор да ја изгаснеш жедта, ќе бараш огниште да се згрееш, ќе бараш сенка да одмориш … Лицето ќе ти го испие ветерот, сонцето ќе ти ја набразди душата, ќе клекнеш и додека ја слушаш последната дедова песна, срцето ќе се парчи барајќи здив, ќе сака да легне за збогум ама нема да има каде, не се умира синко на туѓа земја. Така зборуваше дедо ми …
А околу мене саде пизма, закрвавени очи, запењавени усти, собрани души, стврднати срца, простаклук … Лоша крв тече по Вардар дедо, не ќе да е на арно!!!
ФБ статус на Томи Том Лукас