Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Љупчо Николовски, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, денеска одржа работен состанок со винарските визби.
Како што информираат од Министерството, овој состанок првпат се одржува три месеци пред почетокот на бербата на грозјето со цел навреме да се планира годинашниот откуп на грозје.
Николовски посочил дека обврска на МЗШВ е да создава услови за непречен откуп и стабилни откупни цени, поволен амбиент и за винарниците и за лозарите, а тоа ќе се постигне само преку навремени и редовни средби со винарниците и лозарите. Притоа тој истакнал дека ваков тип состанок ќе се организира и со лозарите.
„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ѝ дава целосна поддршка на оваа извозно ориентирана гранка. Овие средби ги започнуваме три месеци пред почетокот на бербата. На состанокот со винарските визби разговаравме и за делот на измени на законските регулативи, односно потребата од носење нов закон за вино, потребата од измени во законот, сè со цел постигнување сигурен пласман, стабилни цени и на квалитетното и конкурентното производство. Како Влада сме фокусирани на создавање цврсто договорно производство и на сигурен пласман, повисоки откупни цени и поконкурентни производи и затоа ги започнуваме овие состаноци сега порано и навреме. Продолжуваме со ваков тип состаноци и со лозарите да ги слушнеме и нивните предлози и во следниот период да можеме да креираме ефикасни политики и мерки за оваа гранка“, посочил Николовски.
Тој потенцирал дека пред почетокот на новата производствена реколта се исплатени над 600 милиони денари субвенции за одржување лозови насади за лозарите и за винарниците што имаат сопствени насади. Од винарските визби посочиле дека се важни ваквите навремени состаноци со цел навреме да се разговара за сите отворени прашања и предлози и да се направи долгорочна стратегија за развој на лозарството и винарството.
Одговарајќи на новинарско прашање за долговите што одредени винарски визби ги имаат кон лозарите, Николовски изјавил дека Министерството внимателно е насочено кон водење разговори со винарската „Повардарие“ и дека долгот кон лозарите мора да се исплати.
„Долгот на ‘Повардарие’ изнесуваше 3,5 милиони евра, а сега е 650 илјади евра. Во однос на винарската визба ‘Стефанс винери’ отворена e претстечајна постапка, МВР и Интерпол водат истрага, а лозарите како најголеми доверители ќе бидат први исплатени“, рекол Николовски.