Oпштина Куманово ја усвои програмата за реализација на Локалниот акциски план во областа вработување, домување, образование, здравство и жена Ромка за периодот 2018-2020 година. Куманово за 2018 година обезбеди 500.000 денари за реализација на годишната програма од Локалниот акциски план.
– Имајќи ги предвид стратешките цели на локалната самоуправа да ја развива општината во насока на урбана мултиетничка, мултикултурална заедница во која сите граѓани се еднакви, во рамките на своите надлежности продолжи со изработка и имплементација на потребните локални Акциски и Оперативни планови за Декада на Ромите, во партнерство на сите релевантни субјекти кои делуваат на локално ниво, вели Фросина Трајковска од секторот за социјална заштита од општина Куманово.
По подготвувањето на програмата општината ја презентираше пред Советот на Општина Куманово. Локалниот акциски план, како документ на Општина Куманово претставува линк помеѓу локалните институции на општината и граѓанскиот сектор со цел користејќи, ги заедничките ресурси – материјални, човечки и финансиски за заедничка имплементација на активностите за остварувањето на очекуваните резултати.
Членот на локалното координативно тело на општина Куманово, како и експертот во изготовка на националниот план, Ахмет Јашаревски истакна дека по завршување на Декадата на Ромите во 2015-та година, утврдиле дека се уште има потреба од овие програми. Тој посочи дека реализацијата во претходните години дала позитивни резултати во областа на вработувањето, и голем број Роми веќе работат во јавните претпријатија, но потенцираше дека мала е бројката во однос на нивната вклученост во државните институции и јавната администрација.