Прилеп по деветти пат ќе се вклучи во најголемата еколошка волонтерска акција во светот „Часот на планетата Земја“, во која учествуваат над 170 држави. Општина Прилеп по тој повод утре организира повеќе активности со еколошки предзнак. Градоначалникот Илија Јованоски упати апел до сите домаќинства за заштеди на енергијата, во периодот од 20.30 до 21.30 часот.   

„Општина Прилеп се вклучува со свои активности во одбележувањата на ‘Часот на планетата земја’. Во сабота на пладне во 12 часот, ќе бидат засадени 20 садници на површини што ги определи ЈП ‘Македонски шуми’ во месноста ‘Песјобрдце’ на патот за манастирот ‘Трескавец’ и ќе го носи името ‘Парк на планетата земја’. Во акцијата ќе бидат вклучени екипи од Општина Прилеп, јавните претпријатија, о.о. на Црвен крст и граѓани, кои ќе засадат млади дрвја. Вечерта во 19.30 часот пред реклами почнува ноќната трка низ улиците на Прилеп во должина од 5 километри. Пријавени се преку 100 учесници, а на најдобрите во машка и женска категорија,ќе им бидат врачени дипломи и пригодни подароци. Во 20.30 часот на Паркот на револуцијата ќе бидат исклучени светилките, со што симболично ќе го означиме ‘Часот на планетата земја’ со порака за заштеди на електричната енергија“, порача градоначалникот Јованоски.

Прилеп е единствена македонска општина којашто во рамките на еколошката акција, организира и ноќна трка во должина од 5 километри.

„Оваа трка е во должина од 5 км, стартот и финишот ќе бидат пред реклами. Трката ќе се одвива во два круга од по 2,5 км. Се тргнува од реклами до хотелот ‘Липа’, овде се врти лево, продолжува кон салонот ‘Симпо’, каде што пак се врти лево, продолжува до мостот „Табана“ и оттука вртиме лево се до центарот на градот. Пријавени се преку стотина натпреварувачи. Најмногу радува фактот што на оваа трка ќе се натпреваруваат и познатите атлетичарски имиња како  Милена Чкрипеска, којашто е рекордер во маратон и полумаратон, Дарио Ивановски, Леонид Вандески и Марго Бајаџиева коишто ќе придизвикаат силна конкуренција“, истакна техничкиот директор на трката, Марко Јованоски.

Општина Прилеп се вклучува симболично ќе ги означи заштедите на електрична енергија со едночасовно исклучување на светилките на Паркот на револуцијата, во периодот од 20.30 до 21.30 часот. Во тој период младите од прилепската организација на Црвен крст се запалат свеќи во форма на 60+ означувајќи ја заштедата на енергијата за еден час.

 

„Часот на планетата Земја, е едно глобално еколошко движење. Се одржува во 170 држави, меѓу кои е и Македонија која се вклучува по деветти пат активно зедно со волонтерите од Црвениот крст за кои, ова претставува еден кративен начин за подигање на еколошката свест кај граѓаните. Ќе се вклучиме во двата настана, едниот е со засадување дрвја напладне, а вториот е со формирање на бројот 60+ од страна на волонтерите“, рече  Катерина Божиноска, претставник од Црвен крст.

Целта на одбележувањето на „Часот на планетата Земја“ е за да се подигне нивото на свесност, кај сите граѓани за зачувување на животната средина, за намалување на загадувањето на воздухот, водата земјата, против радиоактивното зрачење, против исцрпувањето на ненадоместливите енергенси … поточно свесност за сè што што ги содржи конотациите чиста и здрава животна средина.