Хидролошките прилики во охридскиот регион и натаму неповолни, со оглед на временските услови и дождот. Зголемувањето на температурата придонесува за топење на снегот од околните планини, што резултира со зголемен наплив на води на реките од сливното подрачје на Охридското Езеро и во крајна линија со изразено висок водостој на Езерото.
Управата за хидрометеролошки работи и АД „ЕЛЕМ“ со различни податоци за актуелната состојба со нивото на Охридското Езеро.
Според денешните мерења на Управата, водостојот на езерото изнесува 693,95 метри, додека според „ЕЛЕМ“ што стопанисува со водите на езерото, денеска нивото на водата е на 693,99 метри надморска височина или 24 сантиметри над нормираниот максимум. Тоа е само еден сантиметар од критичната кота од 694 метри надморска височина.
Дека ситуацијата е сложена говори податокот што испустот на вода од Езерото во Црн Дрим е речиси двојно помал од максималниот, од причина да се спречат поплави по течението на Црн Дрим. Од АД „ЕЛЕМ“ соопштија дека тоа го налага ситуацијата бидејќи доколку испустот на Охридското Езеро кај Струга биде отворен максимално ќе дојде до излевање на реката од нејзиното корито.
Ова е втор пат последните 10 години Охридското Езеро да бележи толку висок водостој. Во 2013 година нивото на водата во Езерото се искачи над критичната кота од 694 метри надморска височина што предизвика поплави по течението на Дрим и на одредени критични точки долж крајбрежјето.