Соединетите американски држави се заинтересирани двете страни да го искористат прозорецот на можности што сега е отворен, вели амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат, во интервју за грчкиот информативен портал „Њуз247“.
Во однос на прашањето за името, тој открива дека оваа тема била важен дел од разговорите што помошникот државен секретар Вес Мичел ги имал во Атина и имал можност „да сподели дел од неговите импресии од разговорите во Скопје“.
Пајат вели дека САД сакаат да направат сѐ што можат за да ги поддржат напорите на специјалниот претставник на ОН во разговорите за името.
-Најдобриот начин за да го поддржиме Нимиц, да ја поддржиме оваа дипломатија, е да не зборуваме или да шпекулираме како течат разговорите, но наспроти тоа да ја потенцираме американската гледна точка, дека сега е прозорецот на можности за да се остави зад нас овој проблем, на начин што е добар за Грција, добар за луѓето во Скопје, но исто така е добар и за поширокиот регион, вели Пајат во интервјуто за грчкиот портал.
Американскиот амбасадор додава дека на САД им е јасно и по средбата на Мичел со Коѕијас и по оценките на американските експерти во Скопје, дека и грчката и македонската влада сакаат да се најде решение.