-„Денес потпишавме договор со кој Министерството за транспорт и врски на ЗЕЛС му го предава правото на трајно користење, управување, одржување и понатамошна тековна надградба на информацискиот систем, поставен на интернет страницата www.gradezno-zemiste.mk. ЗЕЛС ја доби хардверската инфраструктура но, и самиот софтвер преку кој се спроведуваат сите постапки за отуѓување или давање под закуп на градежно неизградено земјиште, сопственост на Република Македонија, по пат на јавно надавање и по пат на непосредна спогодба, кои се утврдени во Законот за градежно земјиште “.
Ова го истакна претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов и градоначалник на Град Скопје, на свеченоста што се одржа по овој повод, на 13 март, 2018 година, во просториите на административната зграда на ЗЕЛС, на која присуствуваа и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и потпретседателите на ЗЕЛС: Висар Ганиу, градоначалник на општина Чаир и Митко Јанчев, градоначалник на Општина Кавадарци. На чинот на потпишувањето присуствуваше и Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, кој имаше и своја изјава пред медиумите.
-„ЗЕЛС ги доби авторските права врз изворниот код на трајно користење, без надомест, но со обврска да го одржува и да го надградува овој информациски систем. Досега овој систем го користат 46 општини кои ги исполнија законските услови и се стекнаа со правото да управуваат со државното градежно земјиште. Во останатите општини постапките се водат преку Министерството за транспорт и врски. Заложба на ЗЕЛС е сите општини да ги исполнат условите и да ја спроведуваат постапката преку овој систем“, рече Шилегов и додаде дека ЗЕЛС останува и натаму посветен кон своите членки, општините да ги поддржува во користењето на електронските услуги за граѓаните, бидејќи тоа е едена од главните стратегиски цели на Заедницата.
Министерот Сугарески, посочи дека денешниот настан е потврда за заложбите на централната власт и на Министерството да се овозможи децентрализација и во делот на градежната политика, односно располагањето и управувањето со градежното земјиште во сопственост на државата, да премине во надлежност на општините. Пред новинарите тој објасни дека преку овој систем се водат сите постапки по електронски пат и тоа за отуѓување, давање под долготраен и краткотраен закуп, давање на право на трајно користење, пренесување на право на сопственост и засновање на право на стварна службеност на државно градежно земјиште. Сугарески посочи дека предностите на овој информациски систем се воочливи и за граѓаните и за компаниите. Се овозможува ефикасност на целата постапка, бидејќи поднесувањето на документите се прави од било кое место, преку системот се следи реализацијата на целокупната постапка, а со тоа и запазување на роковите предвидени со договорите, се олеснува и забрзува постапката од поднесување на барање до впишување на правото во Катастарот. На крајот од своето обраќање Сугарески и посака успешна работа на Заедницата, нагласувајќи дека Министерството за транспорт и врски останува и натаму партнер и подржувач на општините во земјата.
„Задоволство ми е што направивме уште еден чекор на развивање на децентрализацијата, преку пренесувањето на овој информациски систем на ЗЕЛС, односно на општините“, рече Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев пред присутните медиуми, во својата изјава што ја даде по потпишувањето на договорот. При тоа додаде дека општините ќе бидат помоќни и попосветени, ќе ги развиваат демократските процеси и транспарентноста, на тој начин што ќе имаат можност да управуваат со повеќе надлежности во полза на своите граѓани, како што е и управувањето со државното градежно неизградено земјиште.
–„Градежништвото е важен генератор на економијата и затоа, на овој начин ги охрабрувам сите инвеститори од земјава и од странство, да вложуваат, а при тоа ќе добијат брза, ефикасна и транспарентна услуга, која во голем дел ќе се спроведува и преку овој информациски систем“, посочи Премиерот. Тој ја изнесе заложбата на Владата на Република Македонија за развивање на поголема децентрализација во земјата, како преку пренесување на капитални инвестиции на локално ниво, но и во делот на финансиското јакнење на локалните власти. Целта е целосно спроведување на Законот за рамномерен регионален развој, а со тоа и сто милиони евра дополнителни пари на општините од она што досега државата го спроведувала и од она што треба дополнително да го обезбедиме како обем“ изјави Премиерот Зоран Заев.
-“Штом ќе бидат подготвени капацитетите на општините, а се надевам до крајот на 2018 година дека ќе бидат подготвени, ќе се пренесат капиталните инвестиции за изградба на основни и средни училишта од Министерството за образование и наука на општините. Изградбата на градинките, дел од здравствените домови како примарна и превентивна здравствена заштита, веројатно и најголем дел од домовите на култура, освен оние што се од национален интерес кои ќе бидат задржани. Огромен процент на домови на култура се уште се под Министерството за култура и тие треба да бидат симнати на локално ниво“- нагласи Премиерот, Заев.
Премиерот појасни дека се планира да се пренесат на локално ниво и управувањето на шумите и на земјоделското земјиште, како и во делот изградба на патиштата во РМ, а се размислува и во делот на социјалната политика, односно за центрите за социјална работа.-“Тоа во суштина значи дека ќе имаме потранспарентен процес, демократичноста во државата ќе се зголеми, но и ќе значи заштеда на пари за граѓаните на Република Македонија“, рече Заев.
Беше нагласено дека Владата подготвува и активности за поддршка на општините кои имаат долгови, кои се во висина околу 120 милиони евра. Премиерот Зоран Заев информира дека се преговара за добивање на кредит со поволни каматни стапки и подолг рок за отплата на општините. Околу 95% од тие долгови на општините се кон домашни компании кои работеле за сметка и во име на општините, со што ќе се овозможи на добавувачите да учествуваат во натамошното раздвижување на економијата.
На крајот од средбата Премиерот посочи дека, многу скоро ќе се овозможат сите услови со кои и останатите општини ќе можат да се подготват за да ги исполнат условите за стекнување со правото да управуваат со државното неизградено земјиште. Обуките за општинската администрација беа реализирани во јануари, а наскоро ќе се реализираат и полагањата, што е еден важен дел од исполнувањето на потребните законски услови за преземање на оваа надлежност на локално ниво.