СДСМ има преземено обврска кон гласачите:
– да се залага за уставни промени со кои ќе се намали бројот на пратеници
– да се воведе принципот на отворени листи на избори
– да се бори за промена на изборниот модел и за една изборна единица
– да не носи закони во скратени процедури
– да воспостави механизми за надзор над владата во собранието
– да овозможи функционирање на пратеничките канцеларии во цела држава
– да ја запре злоупотребата на патните трошоци.
Последната обврска е посебно акцентирана во програмата „За живот во Македонија“.
СДСМ вети дека:
1) Ќе го ревидира начинот на исплата на патните трошоци за да се спречат можни злоупотреби.
2) Пратениците ќе одговараат за нереални трошоци.
3) Сите податоци за приходите и трошоците ќе бидат јавно достапни и погодни за анализи.
Се поставуваат повеќе прашања:
1. Дали пратениците на СДСМ (и коалицијата) воопшто ја прочитале програмата „За живот во Македонија“?
2. Зошто пратениците на СДСМ (и коалицијата) не ги исполнуваат преземените обврски за ревидирање на начинот на исплата на патните трошоци за да се спречат можни злоупотреби?
3. Зошто пратеници на СДСМ (и коалицијата) продолжуваат да ги злоупотребуваат патните трошоци кеширајќи огромни суми?
Значи, добро е што јавниот обвинител покрена истрага за случајот „Пајак“. Јавноста очекува покренување истрага и за случајот „Патни трошоци“, затоа што не е фер само Силвана Бонева да биде осомничена за злоупотреби, а не и други пратеници за кои постојат сериозни индиции дека правеле и прават злоупотреби.
Истрагата на ОЈО треба да утврди:
I. Дали пратениците имаат право на „надоместок на трошоците за користење автомобил во лична сопственост за службени цели“ ЗА ДОАЃАЊЕ НА РАБОТА – со оглед на тоа што им е обезбеден бесплатен превоз во железничкиот и патниот сообраќај во Републиката во сите правци?
II. Дали исплатите на „надоместокот на трошоците за користење автомобил во лична сопственост за службени цели“ се покриени со патни налози во кои се дефинирани службените цели?
III. Ако патувањето било покриено со патен налог во кој се дефинирани службените цели, дали имало злоупотреби при утврдување и исплаќање на износот „што според еден изминат километар не може да биде поголем од 30% од продажната цена на еден литар гориво за возилото кое се користи“?
Јавноста очекува одговори на овие прашања и од страна на обвинителството и од страна на СДСМ кој предизборно вети дека „Пратениците ќе одговараат за нереални трошоци“.
Значи, покрај кривичната, очекуваме и политичка одговорност за пратениците кои ја уриваат довербата во нивната партија и коалиција!
ФБ статус на Жарко Трајановски