На доставените предлози од двете страни, посетата на Никос Коѕијас на Скопје и на ставовите на Зоран Заев и Никола Димитров, грчките медиуми акцентот го ставаат втз извештаите за последните случувања на релација Македонија- Грција. Коментарите се дека со официјално соопштените средби и во Скопје и во Виена, се интензивираат разговорите, а преговорите влегуваат во клучна фаза.
Весникот „Катимерини“, анализира дека позициите на Атина во грчката нацрт спогодба се горе-долу познати и вклучуваат седуѕм точки, а за три од нив постои договор, „за името (веројатно „Горна Македонија“), за акронимите и за иредентистичките наводи“.
-Во Атина, и понатаму веруваат дека решавањето на прашањето е нешто што мора да се стори за да се ослободи дипломатски капитал од еден долгогодишен случај. Меѓу премиерската палата и МНР постои едногласност за тоа дека скопското прашање е прашање на култура, историја, културно наследство, а не геополитичко и геостратешко како што се разликите со Турција. Проблемот за владата, секако, е дека конкретните ставови не ги прифаќа министерот за одбрана, Панос Каменос, чии односи со премиерот, веќе се разнишани во последните месеци, пишува „Катимерини“.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, грчките новинари ги пренесуваат вчерашните изјави на македонскиот премиер и шефот на македонската дипломатија, како во однос на тоа дека и Македонија испрати свои предлози до Грција, така и во однос на разликите што постојат во позициите на двете страни.
„Скопје одговори на нацрт спогодбата на Атина за прашањето за името“; „Предлозите предадени, разликите остануваат“; „Скопје и Атина разменија предлози, Димитров: постојат разлики“; „Скопје: не се согласуваме, но сме оптимисти“; „Димитров: одговоривме на грчкиот нацрт, постојат разлики“; „Скопје достави свои предлози до Атина“; „Заев: одговоривме на предлозите на Атина“; „Пиши бриши договорот меѓу Атина и ПЈРМ“; – се дел од насловите во грчките медиуми.
– Одговор на грчкиот предлог за името на ПЈРМ испрати соседната земја, а министерот за надворешни работи Никола Димитров изјави дека постојат разлики, но изрази оптимизам дека може да се најде решение на прашањето. Во Скопје ќе биде во четврток попладне, Никос Коѕијас, пишува весникот „Ефимерида тон синдактон“, ги пренесува ставовите на премиерот Заев и министерот Димитров и коментира дека изјавите доаѓаат на само неколку дена пред посетата на Коѕијас на Скопје.
-Процесот се интензивира, по задутрешната средба на Коѕијас и Димитров во Скопје, веќе е соопштена нова средба, овој пат со Метју Нимиц на 30 март во Виена, нешто што покажува дека очигледно постои терен за понатамошни консултации, бидејќи и Скопјаните соопштија дека до Атина ја испратија нивната нацрт спогодба, објави грчката телевизија „Антена“ во прилогот во синоќешното издание на централните вести.
-Преговорите на Грција со Скопје за името влегуваат во најкритична фаза. Никос Коѕијас утре ќе биде во соседната земја на консултации со скопската влада, а предлозите на двете страни се веќе доставени. Атина и Скопје ги имаат ковертите со позициите што ги поставуваат на преговарачката маса, но првите впечатоци не оставаат голем простор за оптимизам за конечната спогодба, пишува информативниот портал „Ин“, пренесе МИА.
Онлајн изданието на весникот „Прото тема“, во денешната анализа пишува дека размената на дописи меѓу двете земји било под екстремна тајност за да нема пречки во преговарачкиот процес, а Грција очекува на следната средба на шефовите на дипломатиите, во Виена, да се извршат притисоци.
-Погледот на Атина веќе е насочен кон Виена на 30 март. Тогаш ќе се одржи нова средба на министрите за надворешни работи на Грција и ПЈРМ, но овој пат под покровителство на ОН. Грчката влада ја задржува надежта дека тогаш ќе ги се извршат долго очекуваните притисоци како од Европската унија и Ангела Меркел, така и од Обединетите нации преку Метју Нимиц, што веќе долго време и беа ветени на Атина, пишува „Прото тема“.
Грчките медиуми, исто така го пренесоа и вчерашниот став на Москва, за членството на Македонија во НАТО, јави дописникот на МИА од Атина.