Денеска во просториите на Владата на Република Македонија Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи заедно со Заменичката на Претседателот на Владата и Министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, Заменик на Претседателот на Владата и Министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, Министерот за правда, Билен Салији и Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски одржаа заедничка презентација на статусот на имплементацијата на Планот 3-6-9 пред Амбасадорите на земјите – членки на ЕУ.
“Имплементацијата на реформите од Планот 3-6-9 претставуваат основно мерило преку кое и администрацијата во Брисел, но и земјите – членки на Унијата ја градат довербата и поддршката за Република Македонија и нејзините европски и евроатлантски аспирации. Токму затоа, од наш интерес е да бидат директно и прецизно запознаени со текот на имплементацијата на Планот ”- потенцираше Османи, во изјава за медиумите пред почетокот на средбата. Тој пред медиумите ги презентираше и сегментите кои ќе бидат претставени на амбасадорите како што е текот на имплементацијата на Планот, предизвиците, изградбата на општествен и политички консензус итн.
Османи потсети дека Република Македонија се наоѓа на нешто повеќе од еден месец од излегувањето на Извештајот на Европската Комисија , додавајќи дека очекува најдобар извештај досега, кој би бил проследен и со чиста и безусловна препорака. Тоа смета Османи, ќе биде најголема потврда дека Македонија повторно е вратена на европскиот колосек, што ја отвора шансата за приклучување кон динамиката 20-25 на Стратегијата. „Секако, тоа не значи дека реформите по Извештајот ќе запрат, туку напротив, реформскиот процес продолжува, а конечно, очекуваме сиот овој напор да резултира и со одука на Советот на ЕУ за почеток на преговорите во јуни, и, согласно Стратегијата за проширување, да се приклучиме кон динамиката 2025 за полноправно членство во Европската Унија.“ – изјави Османи за медиумите