Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска беше домаќин на конституирањето на неформалната група „Охрид“, составена од висока делегација на политичари со, како што ги претстави премиерот Заев, исклучително импресивен политички бекграунд, предводени од поранешниот Генерален секретар на НАТО, Лордот Џорџ Робертсон.
Неформалната рупа „Охрид“ во состав: Лордот Џорџ Робертсон, поранешен Генерален секретар на НАТО, Росен Плевнелиев поранешен претседател на Бугарија, Хавиер Солана поранешен Генерален секретар на НАТО и претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Карл Билдт – поранешен премиер на Шведска, Лордот Кристофер Гаидт, амбасадорите Роберт Гелбард од САД, Ален Ле Роа од Франција и Волфган Ишингер од Германија, Дејмон Вилсон од Атлантскиот совет и Зоран Чичак, како што информираше премиерот Заев, ќе дава поддршка за процесот на интеграција на Република Македонија во НАТО и ЕУ успешно да се заврши.
„Активностите на групата и на одделните нејзини членови кои оставија силни печати во нивната политичка и дипломатска кариера, ќе претставуваат и огромна поддршка и за нашите напори за изградба на демократска, стабилна, просперитетна и европска Република Македонија“ – рече во своето обраќање пред присутните премиерот Заев.
Тој, посебно го акцентираше пријателството на Република Македонија и НАТО кое трае веќе 22 години, и кое како што рече премиерот, „го помина тестот на времето“ докажувајќи ја способноста на Македонија да се адаптира на стандардите на алијансата, применувајќи ги критериумите на НАТО алијансата.
„ Република Македонија направи квантен скок. Од заробена држава до обнова на демократија и владеење на правото. Владата на Република Македонија е со цврста одлучност и со силна политичка волја овој напредок да продолжи “ – истакна премиерот Заев.
Тој се осврна и на подобрувањето на добрососедските односи и регионалната соработка, како стратешки цели на Владата, кои, како што нагласи, одат рака-под-рака со амбициите за членството во НАТО и ЕУ, од каде што, според премиерот, произлегува фокусираноста на искрен дијалог за сите отворени прашања.
Од таквиот пристап, рече премиерот, доаѓа и заложбата на Владата да гради мостови за соработка базирани на, како што истакна, „доверба и почит за достоинството на другиот, на соседот“.
„Сакаме 2018 да биде историска година за РМ, за регионот како и за НАТО и за ЕУ. Нашата цел е во 2018 да имаме историски успех – да ја добиеме поканата за членство во НАТО и да станеме 30-тата земја членка на Алијансата. Затоа ги вложуваме сите наши сили и напори да Република Македонија да се гледа како на кредибилен партнер во меѓународните односи. Затоа ја бараме поддршката од сите земји членки на НАТО и ЕУ и од пријателите на нашата земја“ – истакна премиерот Зоран Заев на заедничката прес конференција со Лордот Џорџ Робертсон.
Поранешниот Генерален Секретар на НАТО, Лордот Џорџ Робертсон, зборувајќи за оваа посета и конституирањето на неформалната група „Охрид“, рече дека повторно доаѓа во Македонија во време кога земјата ја креира својата иднина и просперитет.
Тоа што ја предводи групата „Охрид“, господинот Робертсон нагласи дека покажува колку Република Македонија е уникатна за него.
„Ние сме еден вид на тинк-тенк, еден вид на извор на информации, знаење, засновано на нашето искуство. Ние не сме тука да преговараме, да договараме или да се мешаме во внатрешните работи. Ние сме тука како пријатели на Македонија. Нашите совети ќе бидат насочени кон премиерот Заев и коалициската влада, но ќе бидеме достапни и за опозицијата и за неговата екселенција, Претседателот на Република Македонија да работиме заеднички и да и помогнеме на оваа земја“ – рече на прес конференцијата Лордот Робертсон.