Најсериозни кандидати на огласот за шеф на скопското јавно обвинителство остануваат обвинителите сегашниот в.д. Сашо Рајчев и Ермон Незири, дознава „Макфакс“. Огласот кој го објави Советот на јавни обвинители на крајот на февруари истече.
Претседателот на Советот, Коле Штерјев, не одговори на телефонскиот повик на „Макфакс“, ниту на пораката, за тоа колку кандидати се пријавиле за позициите, дали завршиле интервјуата и кога ќе биде спроведен изборот.
Штерјев, кој беше прозван за судир на интерес и непотизам, откако гласаше воздражно за неговата внука да стане обвинителка во Обвинителството за организиран криминал и корупција, лани објасни дека не избрале шефови на скопското обвинителство и на Обинителството за гонење организиран криминал и корупција, бидејќи сакале да му дадат шанса на новиот обвинител да даде негови предлози. Лани за оваа позиција се пријавија Гордана Гешковска, обвинителот Јован Цветановски и обвинителите Расим Дреца и Мартин Митевски.
Обвинителот Рајчев, чие име се споменува како едно од најсериозните за шефовската позиција, го извести некогашниот лидер на студентите, Самоил Малчески, дека не постои кривично дело, откако тој обелодени дека дека иако не донирал пари за партијата ВМРО-ДПМНЕ, заедно со неговата мајка и сестра се нашле во финансискиот извештај за 2006 година како донатори на партијата со сума од 550.000 денари. За Рајчев се шпекулира дека може да добие перманентен мандат. Тој беше поставен за вршител на должност на оваа позиција, на местото на Гордана Гешковска, во декември лани. Гешковска без мандат со скопското обвинителство шефуваше цела година.
Обвинителството за гонење организиран криминал како вршител на должност моментално го води обвинителката Гордана Смаќоска, која е вклучена како втор обвинител во предметот за настаните од Собранието на 27 април, покрај обвинителката Вилма Рускоска. Во декември за шефовската позиција на Обвинителството за организиран криминал и корупција се пријавија Златко Биковски, обвинителите од „Диво Насеље“, Вилма Русковска и Наум Пановски, обвинителката Лидија Раичевиќ Вучкова.