Сашо Мијалков осуден на 8 години затвор, а Грујевски на 15 години, за „Трезор“

210

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, е осуден на казна затвор од 8 години, како обвинет во случајот „Трезор“, кој го отвори поранешното СЈО. Мијалков е осуден за две кривични дела, за кои доби казна затворо од по 5 години, или единечна казна од 8 години.

Бегалецот Горан Грујевски, кој беше поранешен началник на Петтата управа во МВР, доби единечна казна од 15 години, односно за две дела беше осуден на казна затвор од по 10 години.

Поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, доби казна од 5 години, а поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ е осуден на казна затвор од 5 години.

Пресудата денеска беше објавена во Кривичниот суд.

-Судот се увери, надвор од секакво разумно сомневање, дека обвинетите ги сторил кривичните дела кои им се ставаат на товар, истакна судијката Џанета Бегтовиќ, читајќи ја пресудата.

Според пресудата, од фирмата „Финзи“ се конфискува имотната корист остварена од кривичното дело во висина од 838 106 денари и 145 619 евра од девизна сметка.

Предметот „Трезор“, се однесува на злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.

Според обвинителството, наместо МВР да направи директна набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК од фирмата ГАМА од Велика Британија, како најекономичен начин, тие договориле набавката да се изврши преку друга фирма – посредник Финзи ДООЕЛ Скопје, со што успеале да злоупотребат средства од буџетот на државата.

Според обвинението, во овој случај се злоупотребени над 860.000 евра.