Извршување на здравствените услуги на државна сметка, односно вклучување во здравствената мрежа со што ќе им понудат пониски цени на пациентите, бараат стоматолозите специјалисти кои немаат склучено договор со Фондот за здравствено осигурување, а кои денеска се сретнаа со министерот за здравство Венко Филипче на која присуствувал и директорот на ФЗОМ, Ден Дончев.
– Во моментов се наоѓаме во ситуација каде што пациентите си ги побаруваат услугите на товар на Фондот, но ние ги немаме склучено тие договори и не можеме да им ги предложиме. Нашето барање е ние како специјалисти да функционираме, да добиеме договори со Фондот, а воедно на нашите пациенти да им биде овозможено да и користат тие услуги и во нашите ординации, изјави д-р Александар Трајковски, стоматолог.
Стоматолозите специјалисти посочија дека добиле позитивни сигнали за решавање на проблемот, а за идната недела најавија нова средба, кога ќе се знае колку стоматолози-специјалисти работат без договор со Фондот.
– Првично ќе има промени во Законот за лиценцирање, односно за земањето на специјалистички лиценци без разлика на типот на ординација. Во втората фаза ќе се работи на регулирање на мрежата на ниво на Република Македонија на здравствени услуги, изјави д-р Ана Дуковска Цветковска, стоматолог.
По средбата од Министерството за здравство информираа дека во изминатите два месеци активно се работи на реализација на барањата на стоматолозите специјалисти.
– Во рамки на средбата, специјалистите стоматолози се согласија со предвидената динамика на реализација на барањата донесена од страна на Министерството за здравство. Исто така, договорено е дека во континуитет ќе бидат известувани и ќе бидат во комуникација со претставниците на Министерството за здравство, посочија од Министерството.