Стопанската комора на Македонија традиционално како и секоја година и оваа, додели награди и други признанија на компании членки кои во изминатата 2017 година оствариле позитивни резултати во работењето врз основа на однапред утврдени критериуми.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески потенцираше дека станува збор за фирми кои имаат свој удел во домашната економија, посакувајќи секоја следна година да имаме што поуспешни и перспективни компании.
Награди и признанија во 11 категории добија 15 компании членки на Стопанската комора на Македонија.
Во категоријата за реализирани инвестиции во земјата во 2017 година, награда им беше доделена на Мермерен Комбинат АД Прилеп и „Кожувчанка“ ДОО – Кавадарци.
Мермерниот комбинат од 2010 година до сега, забележува инвестиции во основни средства во износ од 13.700.000 евра. Во 2017 година инветирани се над 2.000.000 евра и остварен е раст на производството од 26%, а планирани се нови 3.200.000 евра инвестиции за тековнава 2018 година.
Вкупната инвестиција на компанијата ,,Кожувчанка“ во делот за производство и дистрибуција на пиво, вклучувајќи го и процесот на производство и дистрибуција на Свежо Точено Пиво изнесува 1.270.000,00 евра. За оваа 2018 година планирани се нови инвестиции за зголемувањето на вкупното производство од 50%.
Стопанската комора на Македонија додели награда за континуирано успешно работење и реализирана инвестиција со цел присутност и на странските пазари на компанијата „Слога Пром“ која како резултат на брзо растечкиот процес и побарувачката на домашниот пазар, е во фаза на градба на нов капитален објект составен од три инвестициски циклуси, од кој првиот е завршен со изградба на јавен царински склад и ладилник со 7 комори, а во тек е изградбата на вториот дел од овој ладилник.
Во категоријата – компанија со долгогодишна успешна работа, која континуирано воведување иновации и едукација, Стопанската комра на Македонија за 2017 година доделува награда на Компанијата СЕМОС од Скопје, која е сопственик на многу достигнувања во областа на ИКТ образованието и ИКТ меѓународно признати програми. Континуирано се стреми кон раст и проширување на бројот на производи и услуги – сите врз основа на различните потреби на клиентите, како и технолошките, деловните и работните промени на пазарот.
За инвестиција во нов концепт за унапредување на производството на здрава храна и етно туризам, Комората доделува награда на „Кораб Трница“ која во 2015 година по 70 години од формирањето почнува циклусот на инвестиции со задржување на традиционалниот дух, но со направено модернизирање и проширување на дејностите, воведувајќи концепт „од природа до трпеза“, што подразбира природно производство и продажба преку сопствени канали.
За континуирано инвестирање во нови технологии и опрема, награда е доделена на БИOTEK лабораторијата, прва специјалистичка молекуларна, микробиолошка и биохемиска лабораторија, направена по водечки светски стандарди и опремена со најсовремени технолошки апарати од најголемите светски производители на медицинска опрема.
Стопанската комора на Македонија доделува и специјални признанија за долгогодишна коморска активност за двајца истакнати и докажани бизнисмени.
Аце Антевски, претседател на Здружението на металната и електро-индустријата на Комората од 24.02.2005 година до денес и е активен член на Собранието и на Советот на Стопанската комора на Македонија. Како управител на „Раде Кончар сервис и поправка на електрични производи“ ДОО Скопје, е активен стопанственик и учесник во работата на органите, телата и облиците на организирање и работење на Стопанската комора на Македонија преку 20 години. Компанијата е еден од најзначајните стопански субјекти во електроиндустријата во земјата, со над 50 вработени и годишен обрт од неколку стотици милиони денари, од кои 40% се реализираат на странските пазари, со целосното обезбедување на репроматеријали од домашно производство, во голем дел придонесува за супституирање на увозот, односно намалување на трговскиот дефицит на државата.
Второто признание е за Симон Наумоски, претседател на Управниот одбор на Витаминка АД Прилеп, активен стопанственик и учесник во работата на Стопанската комора на Македонија на сите нивоа повеќе од 30 години.
Со активно учество во унапредување на кондиторската дејност преку Групацијата за кондиторски производи во рамките на Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија. „Витаминка“ АД – Прилеп е на 39-то место на листата на најголеми работодавци, на 74-то место на листата најголеми компании во Република Македонија за 2016 година, согласно податоците од Централниот регистар на РМ и меѓу трите водечки компании од кондиторската дејност во земјата.
Специјално признание за компанија која инвестира во подобрување на практичната работа на ученици е дадено на ЕВН Македонија.
Стопанската комора на Македонија ги следи компаниите и ги поддржува во процесот на усовршување на знаењата и вештините на нивните сегашни и идни вработени. Комората реализира обуката по соодветна програма за тие лица кои се веќе вработени во компаниите, а по успешно реализираната обука добиваат назив – ментор во компанија во која се реализира практична настава. Во таа насока „ЕВН Македонија“ даде особен придонес во таа област во текот на 2017 година и обучи вкупно 42 ментори во компанијата кои ја спроведуваат практичната настава.
Компанија со најголем број учесници на едукативни настани во Стопанската комора на Македонија во 2017 годинае „Арцелор Миттал“ е водечка светска компанија за челик, со годишен капацитет на производство од околу 130 милиони тони. Работат во повеќе од 60 земји, со објекти за изработка на челик во повеќе од 20 земји и се лидер во сите главни пазари за челик. „Арцеролмиттал“ Скопје е компанија чии вработени присуствуваа на најголем број едукативни настани во 2017 година, организирани од страна на Центарот за едукација и развој на човечки ресурси при Стопанската комора на Македонија и тоа со 34 учесници на вкупно 15 настани.
Стопанската комора на Македонија додели специјално признание за најактивна членка во клубот на менаџери во 2017 година на компанијата „Б-воч“со активно учество на сите 24 одржани едукативни настани во 2017 година, процесите на вмрежувања со компании од Советот на странски инвститори и во организираните тим билдинг настани одржани во рамки на Клубот.
Во рамки на специјалното признание на Стопанската комора на Македонија за најдобри EXCELLENT – SME, добитници се три компании:
„Чезакомерц“ која соработува со партнери во повеќе од 40 земји од Европа, Азија, Африка, Северна и Јужна Америка, со над 70 вработени, со различен степен на стручна подготовка и годишниот обрт од 15.000 тони. Компанијата е дел од Excellent проектот уште од самиот почеток од 2013 година. Со успешите економски параметри што ги покаува од работењето, Coface секоја година ја рангира со една од највисоките оценки што ја издвојува како најдобра компанија на пазарот.
„Екстра меин“ во своите речиси две децении постоење, разви и усвои софистицирана технологија за преработка на месо, континуирано инвестира во високотехнолошка опрема за преработка. Согласно бонитетниот извештај добиен од Coface –Хрватска, бројот на вработени за 4 години е пораснат за 40%. И покрај сложената економска ситуација, е една од највисоко рангираните компании во Република Македонија според бонитетот.
Компанијата „ИНТ ТРЕЈД“ се најде во специјалното издание на Капитал Газели, за најбрзо растечки компании во Република Македонија. Сериозноста и квалитетот во работењето ја докажува и листата на препораки на светските брендови. Континуираната инвестиција во нови технологии е со цел да се подобри квалитетот на работа и да се следат светските стандари. Во сопствени фабрики и во фабриките со склучено партнерство произведуваат скоро комплетна производна палета на облека. „Инт Трејд“ веќе две години е во делот на компании со највисока оцена, добиена од страна на Coface – Хрватска.
И традиционално Стопанската комора на Македонија секоја година доделува награда за најдобар партнер од редот на институциите во државата. За 2017 година наградата ја добива Народна Банка на Република Македонија.Стопанската комора на Македонија, како најголем репрезент и застапник на интересите на стопанството ја цени како исклучително значајна соработката што ја остварува со Народната банка на Република Македонија, како носител на монетарната власт во државата. Посебно се нагласува соработката во областа на финансиската едукација, за што е потпишан и Меморандум за соработка.
Поддржувајќи ја општата економска политика, без да го загрози остварувањето на својата основна цел и во согласност со принципот на отворена пазарна економија со слободна конкуренција, Народната банка на РМ успеа да се наметне како вистински партнер на бизнисот.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, на крајот констатираше дека наградата ќе биде поттик и обврска за наградените компании, а предизвик за останаите за натамошно докажување и постигнување на уште подобри резултати.