Насилството што се случи во дворот на гостиварската гимназија е невиден срам што никогаш не се случил во историјата на Гостивар, оцени градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари за настанот кога во петокот двајца професори се здобија со телесни повреди во физичка пресметка со две други лица.

Градоначалникот на денешната прес-конференција побара од просветниот инспекторат да го информираат и него и пошироката јавност, што презел по инциндентот во дворот на гостиварската гимназија, бидејќи како што нагласи, тој нема увид во работата на училиштата откако му се одземени ингеренциите.

– Исто така бараме и МВР и Јавното обвинителство да преземат конкретни чекори во врска со овој настан. Јас сум убеден, доколку напаѓачи беа членови на Алијансата за Албанците, тие ќе беа зад решетки. Но, кога се работи за членови на ДУИ, тие се шетаат слободно и се закана за околината. Ако нема исход, ние, нашите деца и училиштата ќе бидат заложници на насилници – потенцираше Таравари.

Тој очекува и разрешување на актуелниот директор на средното општинско училиште, бидејќи како што наведе, тој ја иницирал тепачката во дворот.

Гостиварскиот градоначалник Таравари смета дека двете лица кои се симпатизери и членови на ДУИ, го предизвикале инцидентот и дека сега уживаат заштита на државните институции.

– Сакам да верувам дека државата е иста и законот е ист за сите граѓани и дека тие што го направија ќе одговараат пред суд. Така власта ќе покаже дека не е толерантна кон криминалците. Доколку државата продолжи да ги штити тие што се однесуваат како бандити, нема да имаме напредок – изјави Таравари.

Одговарајќи на новинарско прашање дали е подготвен да разговара со политичките противници, Таравари одговори дека би имал разговори доколку тоа биде конструктивно и во интерес на граѓаните.