Вкупно осум сведоци предложени од Никола Груевски и неговите адвокати денеска беа сослушани во судница за случајот „Тенк“ кој се однесува на набавката на блиндираниот мерцедес.
Меѓутоа меѓу нив го немаше поканетиот сведок Дејан Митревски Урко, поранешен шеф на обезбедувањето на Груевски. Судијката утрово им рече на адвокатите да го бараат телефонски и да дојде во текот на рочиштето, но тие не успеале да го добијат.
– Не успеавме да го исконтактираме. Ако не е проблем за наредното судење да се обидеме – рече адвокатката Сања Алексиќ.
Судијката Добрила Кацарска им даде уште една шанса и за Урко и за другиот Сведок, Зоран Василевски, кој е на службен пат.
За денес недојдените сведоци, Зоран Василевски и Дејан Митревски Урко, судот ги известува адвокатите дека може да ги известат за следното рочиште. Ако не се јават на закажаа расправа, судот ќе го отповика решението тие да бидат сведоци – рече судијката.
Судењето за „Тенк“ ќе продолжи во среда кога треба да сведочат и вештаците, да се чита нивниот извештај, како и да се продолжи со читање на писмените докази на одбраната.
Во случајот покрај Груевски обвинет е и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски. На обвинителка клупа со нив претходно седеше и Гордана Јанкуловска но поради ризична бременост судот ја раздвои постапката за неа.