Уставниот суд донесе одлука за укинување на членот 14 во делот „потпретседатели на Влада“ од Законот за плата и надоместоци, што би значело намалување на платата потпретседателите во Владата. Уставниот суд смета дека функцијата вицепремиер е фиктивна, па со оглед на тоа постоечкиот коефициент за плата на петте потпретседатели Кочо Анѓушев, Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски, Бујар Османи и Хазби Лика ќе им биде укинат односно намален.

– Со членот 14 од Законот за плата и други надоместоци, се определува коефициент за плата на потпретседател на Владата што е јавна функција која не постои во правниот поредок на Република Македонија, поради што Судот оцени дека ваквата законска регулатива е нејасна и неприменлива и не е во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, стои во одлуката на Уставниот суд.

Ваквата одлука произлегува од иницијативата на политичката партија Левица која во декември минатата година поднесе барање за оценување на уставноста на членот 14 од Законот за плати и надоместоци.

-Правниот тим на Левица, со усвоената иницијатива од страна на Уставниот суд, успеа да го укине коефициентот за плати на непостоечката функција вицепремиер, следната наша цел е апанажата на јавните функционери, вели Димитар Апасиев од Левица.