Фантастичниот старт на новата Ф1 сезона за Ферари, во која остварија две победи во три трки, придонесе Светската автомобилистичка федерација (ФИА) да почне истрага околу легалноста на СФ71Х болидот, тврди шпанскиот весник „Марка“.
Причината за истрагата на ФИА била невообичаена – тие забележале дека болидот на италијанскиот тим „звучел поинаки“ на кривините на Кинеското ГП, по што се јавиле сомнежи дека болидот користи посебно „мапирање на моторот“ со кој издувните гасови се пренасочуваат на задното крило на болидот, нешто што е забрането со аеридинамичките правила.
Претходно, слично решение беше забележано на болидот на Рено, кои видливо го пренасочија ауспухот кон задното крило на болидот. Но, сега, иронично, истрагата против Ферари ја води нивниот поранешен дизајнер, Николас Томбазис.
„Не прифаќаме мапирање на моторот кои се дизајнирани за да се зголеми нивото на гасови во кривините. Ова не е прифатливо и ќе мора да се смени“, вели Томбазис во писмото до сите тимови.
„Марка“ исто така претходно извести дека зад воланот на лидерот во генерален пласман, Себастијан Фетел во Кина било забележана „мистериозна дополнителна рачка“.