Парцелата на која што ќе се гради новиот објект изнесува 84 хектари и е трипати поголема од местото каде што сега се наоѓа Клиничкиот центар. Првичните анализи покажуваат дека инвестицијата ќе чини 420 милиони евра.
– Очекуваме дека за две години, Општина Карпош и Градот Скопје ќе го подготват теренот за да се почне со изградба на габаритен објект кој би се градел околу пет години. Разгледувавме неколку локации кои се доволно големи, каде што освен зградата на Клинички центар ќе се сместат и Медицинскиот факултет, истражувачки центар и кампус за студентите по медицина. Сакаме да добиеме еден систем кој на некој начин ќе биде мал медицински град, ќе биде достапен лесно за граѓаните на Скопје и целата држава, со соодветни пристапни патишта – додаде Филипче.
За новиот Клинички центар, претходната влада имаше потпишано договор за изградба во рамките на сегашниот Клинички центар.
– Се надевам ќе имаме простор да преговараме со банката со која тој договор е потпишан, ќе успееме да направиме реаранжман на тој договор и ќе успееме да не ги платиме пеналите. Убеден сум дека дури и да ги платиме пеналите, ова ќе биде најдоброто, па дури и најевтиното решение. Ништо не сме направиле ако добиеме нова зграда која ќе се спои со стари згради. Кога ќе завршеше изградбата на новата зграда и се споеше со постоечките објекти, требаше да влеземе во фаза на реновирање на останатите седум до осум стари згради – додаде Филипче.
Тој објасни дека, новата локација е избрана во договор со Асоцијацијата на архитекти кои дале издржано професионално мислење зошто сметаат дека тој Клинички центар треба да биде лоциран таму.
За потребите на новиот Клинички центар, булеварот Словенечка треба да биде продолжен, да се прошири улица Железничка, но и да се пробие нов пат од „Сити мол“ до таму.
Според Филипче, местото каде што е сега Клинички центар е сообраќајно загушено.
– Со градот Скопје имаме изготвено едно решение за влез, но и за проток на возилата. Ќе обезбедиме посебна лента за влез на возилата на Брза помош. Истовремено, на плацот кој беше предвиден за градба на новиот објект, за кратко време ќе направиме катна гаража со која ќе се олесни протокот на возила. Градежни активности за старите згради ќе бидат преземни само таму каде што навистина треба, каде што се објектите се во лоша ситуација – додаде тој.