Денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, ја посети фабриката Окитекс и одржа средба со сопственикот, Миле Миленковски и претседателот на Синдикатот од текстилната, кожарската и чевларската индустрија, Љупчо Радовски.
Целта на посетата беше да се утврди како се одвива имплементацијата на Законот за минимална плата и кои се предизвиците со кои се соочува текстилната индустрија во земјава и изнаоѓање на соодветни решенија.
,,Со Законот кој се усвои во 2017 година, за прв пат се изедначи минималната плата и за работниците во текстилната и кожарската индустрија со други гранки. Со тоа постигнавме зголемување на просечната плата во производство на облека за 16%, а во текстилната индустрија за 24%, односно за 3.870 денари. Тоа покажува дека законот си ја заврши својата работа затоа што по статистика, 90 илјади граѓани добија покачување и земаат над 12 илјади денари плата. Со тоа добивме и покачување на просечната плата во Република Македонија за 5,6%.’’ – изјави Царовска.
Покачувањето се одвива без поголема поддршка од буџетот, односно само мал процент од фирмите аплицираат за субвенции. Ова покажува дека фирмите се во кондиција и можат да ја исплаќаат мининмалната плата, а тоа не се одразува негативно на самиот бизнис. Според министерката, има и други аспекти кои треба да се разговараат со работодавачите, како инвестиции во технолошкиот развој, но законот за минималната плата ја оствари својата цел и ги даде резултатите.
Миленковски посочи дека разговорот со министерката беше конструктивен. Според него, законот за минимална плата го даде својот резултат, но смета дека треба да се оди понатаму, особено во насока на модернизација на оваа индустриска гранка. Оваа компанија е една од оние кои исплаќаат минимална плата без поддршка од државата.
Според синдикалниот претставник Радовски, законот се применува во целост. „Кога се има волја и желба да се разговара за сите проблеми кои ги засегааат и едната и другата страна, можеме да дојдеме до успешни работи.“ – изјави тој.