Грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе предложи формирање на Совет за национална безбедност и за таа цел денеска му телефонирал на лидерот на партијата „Потами“ Ставрос Теодоракис и побарал средба в понеделник за да го информира за предлогот.

Во грчките медиуми се коментира дека фактот што Ципрал толкму сега се сетил на тој предлог-закон има врска со разрешницата на проблемот со името и потребата на Ципрас околу него да собере што поголем број сојузници.

Не се исклучува и можноста Ципрас по овој „флерт“ наскоро со мини-реконструкција евентуално да направи рокада – наместо „Независни Грци“ на Каменос во владата да ја земе „Потами“ на Теодоракис. Интересно е дека токму Теодоракис и неговата партија во декември 2016 година предложија формирање на такво тело/орган, но досега никој тоа не го покренал.

Во Грција, инаку, функционира т.н. Национален совет, кој го свикува шефот на државата – во случајов, Прокопис Павлопулос.

Новиот Совет би бил свикуван од премиерот, а во него би учествувале политичките лидери, бившите премиери, министрите за одбрана и надворешни работи, шефовите на генералштабот и на тајната служба.

Ова се случува во ситуација кога односите на Ципрас со владините партнери, како на пример со Панос Каменос, кој јавно се произнесе против која било варијанта на името што ќе го содржи терминот Македонија, се „замрзнати“.

Ципрас и Теодоракис имаат поблиски ставови за името – лидерот на „Потами“ не е против “Македонија“ во името, но вели дека поддржува „име со еден збор, на словенски дијалект“.

Тој дури изјави дека ако дојде до договор за името и ако тој треба да се гласа во парламентот тие ќе гласаат „за“.

Запрашан дали постои можност за влез во владата на Ципрас, Теодоракис само шеговито прокоментира „дури и Ким ќе се сретне со Трамп“.