Првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин беше доста активен и актуелен во изминативе денови, а причината за тоа е европската Супер лига, проектот во кој основачи беа 12 големи клубови од Англија, Шпанија и Италија.
Словенецот беше максимално против против овој проект, испрати директни и јасни пораки до инволвираните, па дури им се закани што вроди со плод со оглед на тоа што најголемиот дел од клубовите се повлекоа, поточно попуштија под притисокот.
Досега Флорентио Перез го гледавме како зборува и одговара на сите прашања за Супер лигата, додека пак сега Чеферин обелодени што на него му се случувало во претходниве денови.
-Во неделата, морав да земам двојно виски за да заспијам. Во вторникот, добив 3.800 СМС пораки на кои немав време да одговорам. На клубовите кои беа загрижени за формирањето на Суперлигата им реков: „Дајте ми 24 часа и повеќе нема да постои“. Направив неколку повици, но најважните беа направени од навивачите. Тие се оние кои се побунија, -вели Чеферин кој ја спомена Барселона како клуб кој најмалку го разочарала кога се во прашање учесниците во споменатиот проект.
-До одреден степен, сите ме разочараа, но морам да кажам дека Барселона можеби најмалку. Лапорта неодамна беше избран за претседател на Барселона и јас разговарав со него два-три пати. Тој беше под огромен притисок поради лошата финансиска состојба што ја дочека во клубот. Не е виновен што ситуацијата е таква и очигледно бил под голем притисок да ги најде парите. Сепак како лукав преговарач, тој обезбеди начин Барселона да го напушти проектот доколку навивачите се против ,-вели првиот човек на УЕФА.