dav

Во тек е набавката на новата печка за согорување медицински  отпад за депонијата „Дрисла“. Таа треба да биде набавена до јуни и роковите не се пробиени, изјави денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

– Во овој момент и во изминатиот период наш примарен интерес беше на постојниот инсенератор да овозможиме поставување на доволно квалитетен филтер кој ќе дозволи безбедно согорување на медицинскиот отпад, рече Шилегов во депонијата „Дрисла“. Очекува дека печката ќе биде донесена во јуни и поставена пред наредната грејна сезона.

Одговарајќи на новинарско прашање за судската постапката за депонијата „Дрисла“ , Шилегов рече дека неговото присуство во „Дрисла“ не значи поддршка или нарушување на нечија неутралност.

– Она што во неколку наврати го замолувам Управниот суд како административен суд во жалбената постапка и Вишиот управен суд е да донесат што е можно побрзо конечна одлука. Ниту Градот има интерес да се задржи сегашниот партнер, ниту има интерес да се стави нов партнер. За нас од круцијален интерес е одлуката да биде донесена брзо. Не навлегуваме во квалитетот на одлуката на судот за да може како Град да знаеме кој е конечниот партнер за капацитетот „Дрисла“ со цел заеднички потоа, во согласност со договорот кој е важен или договорот кој ќе биде потпишан со евентуално новоизбраниот, да можеме заеднички да ја креираме политиката на згрижување на комуналниот отпад, рече Шилегов.

Тој посочи дека Град Скопје во таа постапка има поднесено само жалба. Сите други документи, како што рече, се наоѓаат во Управниот суд и тој заедно со жалбата треба да ги администрира и да ги пренесе до Вишиот управен суд за да биде донесена одлуката.

Прашан што досега е инвестирано во „Дрисла“ откако е влезен партнерот, Шилегов изјави дека од средбите со директорот на „Дрисла“ Горан Ангелов и со сопствениците на италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“ бил информиран дека поради судските постапки не биле во можност да вршат инвестиции.

– За мене тоа е недоволно добро образложение како градоначалник, но оставам на сопствениците на 80 отсто од капацитетот „Дрисла“ да ја креираат таа политика бидејќи ние во оваа ситуација сме во постапка на исчекување на конечниот партнер, рече Шилегов.