Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на новинарско прашање потврди дека во управните и надзорните одбори на јавните претпријатија за членови се избрани лица кои се партиски кадри на СДСМ. Според него, не е крај на светот тоа што биле сменети, како што рече, партиските послушници на ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со обвинувањата на советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Јелена Жугиќ, дека во одборите се назначени и сторители на кривични дела, Шилегов рече дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја дефокусира јавноста за одлуката за поскапување на струјата во комплексот Железара.
„Се обидуваат со спинови да ја дефокусираат јавноста од одлуката која е донесена. Станува збор за тргање на партиските кадри од управните и надзорните одбори кои се именувани од ВМРО-ДПМНЕ. Очигледна е болката што не се стратешки фактори за носење одлуки во градот. Тоа е промоција на примитивизмот во политиката. Апсолутно се познати луѓето за кои се гласа. Дури делови од администрацијата се вклучени. Вклучени се партиски кадри на СДСМ во управните и надзорните одбори. Тоа што ги сменивме партиските послушници на ВМРО ДПМНЕ не е крај на светот“, рече Шилегов.
Тој истакна дека партиските кадри кои се назначени на седницата на 1 март се професионални.