Јавен повик до Заев од граѓански организации и професори за поддршка за суспензија на ДУП-от спроти „Холидеј Ин“

39

Група од 29 граѓански организации, универзитетски професори и архитекти упатија јавен повик до премиерот Зоран Заев за поддршка на суспензијата од Општина Центар за Деталниот урбанистички план (ДУП) ЦО8 (паркингот спроти х. „Холидеј Ин“), како и други ДУП-ови коишто не се усогласени со Генералниот урбанистички план (ГУП).

Тие бараат Владата да ја поддржи суспензијата од Општина Центар за ревидирање на ДУП ЦО8, како и сите други ДУП-ови кои со стручна анализа се докажани како неусогласени со ГУП, а Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје да се произнесат и да се обврзат дека нема да издадат согласности за ДУП-ови кои не се усогласени со ГУП, со Уставот, како и со законите. Повикуваат за поддршка на барањето за законито работење и на други институции и органи како што се инспекторатите за урбанизам и за градежништво, државниот правобранител и, како што велат, сите оние кои досега ги одобрувале плановите спротивно на ГУП-от и интересот на граѓаните. Во јавниот повик наведуваат аргументи зошто сметаат дека ДУП-от е спротивен на интересите на граѓаните и на ГУП.