До пред извесно време ФК „Победа“ беше акционерско друштво од 5 акционери, секој со сопственост од по 20 проценти. Сега, четири од петте акционери во клубот, односно сопствениците на 80% од акциите, го подарија својот дел на тројца фудбалски работници, членови на фудбалскиот клуб „Победа“. Од тој момент „Победа“ е фудбалски клуб на градот Прилеп, рече во изјава за медиумите Илија Јованоски, градоначалник на Општина Прилеп.
Од тие причини, како градоначалник на општина Прилеп формирав координативно тело, кое е составено од 9 членови: јас, како градоначалник на општината, тројцата фудбалски работници од клубот кои ги примија акциите како подарок од акционерите и петте членови на Фудбалскиот сојуз од Прилеп, кои се делегати во ФФМ.
На првиот координативен состанок, се договоривме дека од тој момент нема да има политика во ФК „Победа“ и дека наш врвен приоритет ќе биде интересот на „Победа“, на љубителите на фудбалот и на целата прилепска спортска јавност.
Сите одлуки ќе ги носиме со консезус, а не со надгласување. На координативното тело, се договоривме, градоначалникот да предложи кандидат за претседател на клубот и кандидат за спортски директор. Двата предлога, беа едногласно усвоени. За претседател на клубот да биде избран Емил Јанески, а за спортски директор Благоја Гешоски, кои заедно со актуелниот тренер на ФК „Победа“, Дарко Крстески, ќе го водат клубот до крајот на првенството.
Во координативното тело ќе бидат вклучени и легенди на „Победа“, кои значат многу за фудбалот во градот и пошироко. Исто така, ќе вклучиме и членови од навивачките групи од општина Прилеп.
Во моментите кога „Победа“ се наоѓа во тешка состојба, нашата помош и помошта од градот, е повеќе од неопходна.