Џафери: Ни во воена состојба пратениците не се ограничени во движењето!

54

Пратениците имаат право да дојдат и да гласаат во посебни услови утврдени со протокол, кој е донесен во јули 2020 година, кога јас бев во болница, вели претседателот на Собранието

Закани со кривични пријави од страна на опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, ниско и навредливо ниво на политичка комуникација и вовед во натомашна поларизација меѓу мнозинството и опозицијата уследија по вчерашните 32. и 36. седница на праламентот.

Тензиите се кренаа откако учество на седница зедоа и пратениците Бисера Костадиновска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ, на кои им е одредена домашна самоизолација.

Мицкоски се закани дека „сите кои го прекршиле законот ќе одговараат од прв до последен“, а првиот меѓу еднаквите во парламентот, претседателот Талат Џафери, тврди дека сѐ е во согласност со Протоколот донесен пред одржувањето на конститутивната седница по минатогодишните парламентарни избори.

„Ни во воена состојба пратениците не се ограничени во движењето. Нивен личен став е дали ќе дојдат на седница. Јас не можам да му наредам на пратеник да не дојде на седница. Според ‘Протоколот за спроведување гласање за пратеници кои се наоѓаат во домашна изолација’, тие имаат право да дојдат и да гласаат во посебни услови утврдени со протоколот, кој е донесен во јули 2020 година, кога јас бев во болница. Како дојде Арбен Зибери да гласа за избор на Владата? Па според истиот протокол кој се применува повеќе од осум месеци“, вели претседателот на Собранието.

Деловникот е јасен

Џафери потенцира дека се раководи од член 62 став 1 од Деловникот според кој „претседателот на Собранието со потпретседателите се грижи за остварување на правата на пратениците и за обезбедување услови за нивната работа“.

„Јас имам обврска да обезбедам услови за сите пратеници да имаат можност да учествуваат во работата на Собранието. Според протоколот, тоа значи да бидат обезбедени сите посебни услови и мерки под кои тие можат да дојдат, да учествуваат во работата и да гласаат. Тука спаѓаат повеќе постапки – од процедури за влез во парламентот, преку дезинфекција (пред и потоа) на посебните кабини во кои може да присуствуваат пратениците што доаѓаат од домашна изолација, па се до посебен список каде тие ќе стават потпис за присуство, за да не бидат во комуникација со списокот за другите пратеници, и ред други превентивни мерки “, објаснува Џафери.

Се случи чудо во Парламентот

На критиките од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, дека човек почина затоа што немало брза помош, а за пратеничката имало, Џафери вели дека пратениците кои дошле од самоизолација користеле нивен превоз.

„Јас на никого не му пратив службено возило. Пратеничката која дошла со возило на итна помош, тоа го плаќа приватно“. Обвинувањата од Мицкоски дека „ова е тероризам, а не 27-ми април, Џафери не ги коментира: „Има институции кои ќе ценат што е што“.

Претседателот на Собранието ги отфрла и забелешките од Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, дека немало потреба да се малтретираат пратеници од изолација, затоа што од оваа опозициска коалиција уште во четвртокот го известиле претседателот на Собранието дека ќе присуствуваат на 32. седница и со нивна поддршка веднаш ќе се поминело на 36. седница, на чиј дневен ред беа законите од петтиот пакет економски мерки.

„Каде кажеле? Немав најава дека ќе присуствуваат. Во четвртокот вечер после паузата, која беше продолжена поради тоа што дел од пратениците беа на ифтар, јас гледам дали има услови за гласање. Немаше кворум. Кога нема кворум, мора да ја прекинам седницата. Извинете, но нема да ризикувам да ми прават театар. А вчера беа присутни, бидејќи веќе знаеја дека ќе има 62 пратеника, па дојдоа за да се исперат. Претходно, кој блокираше два месеци?“, прашува Џафери.

Мицкоски: Јас грмам

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, беше повикан од Мицкоски да не ги потпишува законите кои се резултат на вчерашната седница, со крајно несоодветен речник: „доста се криеш, бекни нешто“.

Пендаровски ги потпиша законите, а во соопштението од претседателската прес-служба потенцираа дека претседателот на државата нема надлежност да ја преиспитува уставноста и законитоста во работењето на парламентот, бидејќи за неа е одговорен претседателот на Собранието, а по усвојувањето на законите – и Уставниот суд. Во соопштението, со истата терминологија беше возвратено дека „некои други, меѓу кои и Мицкоски ‘не бекнаа’ за екстремни и многу опасни предлози за реактуелизираното прашање за промена на границите на Балканот“. Не изостана нов коментар од Мицкоски за претседателот.

„Еве го бекна, ама не само што бекна туку и потпиша се што му нареди стопанот. Сакаше да биде сатиричен, а испадна смешен. Претседателе Пендаровски погледајте го моето последно интервју дадено во петокот и ќе слушнете грмење, не бекање за националните теми, меѓу која и таа измислената што ја споменувате да го исперете криминалот, корупцијата и срамот на стопанот“, одговори Мицкоски.

Вербални простотилаци

Законите се усвоија, но продолжувањето на вербалните пресметки со изрази кои се под нивото на лична и политичка култура, ја еродираат надежта дека ќе се смират и речникот и состојбите. Според комуникологот Петар Арсовски, најголемиот проблем е што гласачите не го казнуваат таквото однесување на партиите во говорот и во Собранието.

„Сѐ додека на овие маневри и вербални простотилаци гласачите им се восхитуваат, политичарите ќе ги користат сѐ повеќе. Квалитетот на македонскиот политички дискурс е веќе подолго време во слободен пад во содржинска смисла: се помалку зборуваме за решенија, а се повеќе за лични напади, се помалку се бавиме со идеологија, а се повеќе со афери, и воопшто, меритократијата ја заменуваме со чист популизам. Но, во последно време, покрај поразот на суштината, имаме и пораз на формата: сѐ почесто, во обид да изгледаат интересни, нашите политичари посегнуваат по еден малограѓански колоквијализам во јавните обраќања, кој дополнително го дерогира и онака кревкиот обид за некаква јавна полемика. Ние всушност, имаме јавна кавга, наместо јавна дебата, ситуација во која политичките елити комуницираат едни со други, а со граѓаните никој не зборува“, вели Арсовски.

Смета дека тоа се должи на повеќе причини.

„Прво, има високо ниво на политичка тензија поради системска политичка криза, која е перманентна. Така, опонентите стануваат непријатели, а не само противници. Потоа, судските разрешници на некои процеси против политичари, раѓаат ситуација на очај: губитникот тешко дека може да се надева на слободен мандат. Овие тензии најверојатно ќе се прелеат, и веќе се прелеваат, во работата на Собранието. Таму нема борба за подобри решенија, туку борба на подобри тактички сопки, саботажи, уцени и слично. Оттаму, практично е невозможно пробивот кој се случи во Собранието, односно функционалноста на Собранието, да се одржи на подолг рок. Мислам дека луцидната интервала која сега ја гледаме, нема да потрае“, прогнозира Арсовски.

Значајни закони

Од СДСМ потенцираат дека на 32. седница се усвоени важни закони за граѓаните и државата: Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси 2021-2025 година, бројни усогласувања со законот за прекршоци со кои се намалуваат глобите, како и измените на Законот за јавни набавки со што се олеснува набавката на вакцини против коронавирусот.

„Несериозно е постапувањето на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, одбирајќи на која седница ќе присуствуваат а на која не. Пратениците не се платени само за 36. седница, тие треба да се присутни на сите седници, затоа примаат плата од граѓаните“, реагираа социјалдемократите.

Премиерот Заев им честиташе на Собранието, на претседателот Џафери и собраниските служби кои обезбедиле соодветни услови за работа, како и на заболените пратеници кои и во вакви околности се вложиле целосно во интерес на итната потреба на граѓаните!

Тој истакна дека „со згрозување ја примил информацијата дека за Христијан Мицкоски тој чин бил тероризам“.

 

Извор: ДВ