Француската академија за филмска уметност синоќа во Париз ги додели по 43-ти пат наградите „Сезар“.
Драмата „120 BPM“ на режисерот Робен Кампиљо освои шест награди, вклучувајќи и за најдобар филм и најдобро сценарио. Филмот се фокусира на група активисти во Париз во 1990-тите среде епидемија на СИДА. „120 BPM“ исто така го освои Гран-при на Канскиот филмски фестивал во 2017 година.
„Loveless“ на рускиот режисер Андреј Звjaгинцев за двојка, која преживува тежок развод, кога нивното дете исчезнува, доби награда за најдобар странски филм. 54-годишниот Звјагинцев не присуствуваше на церемонијата за да ја добие наградата. „Loveless“ ја доби наградата на жирито во Кан за минатата година и беше номиниран за „Оскар“ за најдобар странски филм.
Наградата за најдобра режија ја зеде Албер Дупонтел за неговата трагикомедија „Au Revoir Là-Haut“, базирана на одличната книга, наградена со „Гонкур“ на Пјер Лометр.
Жана Балибар ја освои наградата за најдобра актерка за „Barbara“, а Свон Арло – најдобар актер за младиот фармер во „Petite Paysan“.
Шпанската актерка Пенелопе Круз ја доби наградата „Сезар“ за достигнувања во кино.
Наградите „Сезар“ се врачуваат од француската филмска академија од 1976 година и се наречени по авторот на статуетката – скулпторот-авангардист Сезар Балдачини.