Интервју со директорот на Театар Комедија, Сашо Ристовски.

Разговараше: Виктор Азманоски

Директоре што се смени со вашето доаѓање на директорската позиција во театар Комедија ?

Ристовски: Најзначајно е тоа што се врати позитивната енергија во самиот театар, а кога има позитивна енергија “работата оди како песна”. Ги намаливме значително трошоците во однос на трошоците кои што се правеле од страна на од претходната власт. Исто така театарот го направивме пристапен за лицата со телесен инвалидитет и ги означивме места со пристапни точки за лицата со оштетен вид, мораме да сватиме дека сите сме еднакви во ова општество. Ја отворивме малата сцена за претстави која досега за жал не беше функционална. Во моментов имаме десет активни претстави кои што се играат на сцената на Театар Комедија за кои за жал некогаш моите блиски пријатели знаат и да ми се налутат поради тоа што нема  влезници. Во секој случај промени има и тоа позитивни.И се радуваме дека е така.

За време на владеењето на претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, имаше голем реваншизам во сите пори на општеството, па така и во културата, кажете ми искрено се реванширате ли вие со неистомислениците ?

Ристовски: Не!  Со оглед на тоа што јас бев дел на една таква хајка и поминав низ лош период, не би се осмелил да направам нешто лошо кон колегите. Имав долг список на личности кои што неправедно постапувале кон мене и како актер и како човек, но кога седнав на директорското столче прво нешто што направив го искинав “списокот”. Во оваа институција нема поделба ни по партиска определба, ни по вера ни по нација, овде сите сме театар комедија.Така треба да биде и секаде. Можеби некои ќе ме осудуваат но за мене е тоа важно.

На овогодинешната Златна Бубамара претставата “Вардарски пастуви” доби награда за театарска претстава на годината, што значи за вас оваа награда ?

Ристовски: Наградите за секого се доказ за успешноста, благодарение на актерите од оваа претстава и на режисерот Синиша Ефтимов нашиот театар се закити со признанието за најдобра театарска претстава за 2017 година и сакам да изразам и јавна благодарност до целокупниот ансамбл на Театар Комедија, оваа награда е награда за сите нас.

Неодамна склучивте договор за соработка со драмскиот театар “Никола Вапцаров” од Благоевград соседна Бугарија, кој е бенефитот од тој договор за културата во Македонија и за вас како Театар Комедија ?

Ристовски: Да, заедно со уметничкиот директор на театарот Мими Ристов и советниците на театарот склучивме меѓусебен договор со драмскиот театар од Благоевград. Значи и пред 12 години постоела соработка меѓу  две културни инститиуции но прекинала и фактички ние ја обновивме таа соработка. На состанокот договоривме взаемни гостувања на двата театри, договорени се исто така и заеднички претстави од двата театри. Исто така сакам да кажам дека во подготовка е потпишување на договори со театри од соседството и земји членки на ЕУ. Секоја меѓународна соработка може да носи плус за културата и државата, се знае најголеми амбасадори на една држава се актерите и спортистите.

При усвојуањето на буџетите за 2018 година во јавноста се крена прашина околу доделувањето на минимални финансиски средства од страна на Министерството за култура, дали е исправена неправдата кон Театар Комедија ?

Ристовски: Дојде до недоразбирање со ресорното министерство, но по моите состаноци со министерот и заменик министерот за кутура одобрени ни се доволно средства за нормално и непречено функционирање на Театер Комедија. Со разговор се се решава. Имаше настанато недоразбирање поради енормно високите суми кои што кружеле во овој театар, едноставно нема споредба помеѓу буџетите кои што се потребни за овој театар и тоа што се земало од претходното раководство, но тоа не е моја работа да кажувам, државата си има институции кои што треба тоа да го истражи и обзнани.

После се ајде да ги тргнеме облаците и со фестивалот “Гола месечина”, ќе се одржи или не ?

Ристовски: Да фестивалот ќе се одржи благодарение на поддршката на градоначалникот на општина Аеродром Златко Марин и Советот на општината кои се согласија да бидат покровители на овогодинешниот фестивал “Гола месечина”. Според планот и програмата на Театар Комедија фестивалот ќе се одржи кон крајот на месец јуни.

На 27 март Театар Комедија слави шест години од своето постоење, ќе има ли некоја пригодна манифестација ?

Ристовски: Точно така, на денот на театарот, Театар Комедија ќе го прослави својот шести роденден. Во подговотвка сме на премиерата Не сега драга во режија на Коле Анѓеловски со  која ќе го одбележиме роденденот.Во неа играат голем дел од ансамблот на театар Комедија и особено ми чест што режисерот Коле Анѓеловски е повторно со нова премиера во нашиот театар.

loading...