Овие денови читам статуси од типот: нека ме “отфренднат” сите што се согласуваат со промена на името… епа драги мои од тоа неприфаќање на туѓи ставови и мислења се “отфренднавме” и одродивме. Едните биле закочени што не сакале промена, другите биле предавници зошто сакале… уште таква поделба немавме.

Не осудувам некој што не сака промена или сака промена на името. Секоја глава си има различна “супстанца” во неа. Сеедно е дали ќе бидеме малограѓани од Северна Македонија или Македонија, бидејќи волкот го менува влакното, но не и ќутта! Пак ќе бидеме себични, зајадливи, завидливи едни на други. 27 години живееме во беда, во сиромаштија и уште народецов не сфати дека на политичарите им одговара тоа, затоа што е полесно да контролираш сиромашни, гладни, исплашени луѓе кои не знаат што ги чека утре. Луѓе на кои можеш да им ветиш дека ќе добијат леб! Такви им требаме. Секој ден наидуваме на нови барања за донации за болни луѓе, деца, а имаме солидарно здравствено осигурување. Собираме донации за бездомни и гладни луѓе, а едвај сме 1.5 милиони и се повеќе се намалуваме. Ние во изминативе години не успеавме да го одржиме тоа што ни го изгради Југославија, а не пак нешто ново да создадеме.

Да бидеме реални, ние сме деструктивна нација! Не знаеме да создаваме и чуваме, знаеме само да уништиваме. На туѓа среќа не се радуваме, завидуваме. Еве лично јас последниве неколку години не сум слушнал ништо друго освен: аааа… вие само си шетате! Зошто не размислите дека тоа е болно, зошто не ви доаѓа да кажете: после се низ што помина во животот заслужуваш малку среќа. Кога ми беше најтешко никој не дојде да ме праша мене или моите родители: абе луѓе помош, пари да не ви требаат за лекување на детево, како се снаоѓате? Никој не праша, само банката праша за која намена ви се кредитите, службено!

Тогаш не правевте математики, а денес… денес се е пресметано. Се додека не научиме да се почитуваме едни со други, да се радуваме на туѓа среќа, се дотогаш ќе живееме мизерно. На првиот дожд ќе газиме во сопствените гомна, децата ќе ни ги газат коли бидејќи во 21ви век пешачки патеки има само во централните градски подрачја, на снег ќе летаме во ендек бидејќи нема кој да го исчисти, ќе се гушиме во смогот кој сами си го создаваме, ќе умираме од сопствениот здравствен систем, ќе си газиме на сопственото достоинство за партиско вработување како да е нешто најсигурно, а државата пред банкрот. Во Светот најтрудољубивите се борат да создадат кариера во големи компании, приватни. Во компании во кои имаш простор за докажување, надградување и унапредување. Кај нас сите фотеља и одело ги пали и плата за кафе и цигари, другото мама и тато ќе го обезбедат. Кај нас при вработување во приватна фирма никој не кажува какви квалитети има, што знаење нуди, не прашува што ќе научи тука, дали има шанса за унапредување… прво прашање е: плата колку?

А како некој да те плати без да види колку вредиш? Од една страна е тоа, а од друга пак се “големите” газди кои плаќањето данок го сметаат за крадење од страна на државата, понижувањето на работниците им е лична сатисфакција за сопствените неспособности, а скапата кола е доказ за некава си моќ!

Газди кои не слушнале дека треба да бидат лидери, а вработените да ги сметаат за свој тим.

Затоа драги мои не ја сакам и не сметам дека припаѓам во средината во која живеам. Тука лицата со посебни потреби се демони, а алкохоличарите и насилниците се нешто нормално. Големите “верници” повикуваат на убиства, крвопролевање. Тука ако размислуваш различно од мнозинството си чудак, несфатен, забеган.Моите размислувања се космополитски, сакам да ја живеам иднината, се она што во моментов се создава. Посакувам да сум во средина во која ќе ја почувствувам иднината и придобивките на модерното живеење.

Мене не ме воодушевува барок, или Александар Велики – крволочен убиец кој сакал да го покори Светот и да биде голем газда ко локалниве. Мене ме воодушевува модерна архитекура, беспилотно возило кое ќе можам и јас да го користам и да не се чувствувам ограничено, стан на 107ми кат со смарт технологија и слично. Тоа овде тешко дека ќе го дочекам затоа што тука хомофобите се тепаат за Александар Велики или Мадедонски кој бил бисексуалец, а своевремените хомосексуалци се спремни да ги линчуваат. 

Тука на Балканот се живее за минатото, затоа што нема иднина. А според личното искуство ако живеев за минатото требаше во моментов да седам во инвалидска количка. Не знам дали ќе бидеме посиромашни како Македонија или Северна Македонија, ама знам дека душите ни се сиромашни со чувства, тука сме многу бедни. Критикуваме други за нешто што подоцна го правиме и самите, се бориме за јазикот а притоа името на државата го пишуваме на латиница со мала буква. Ни фали многу, ни фали писменост, култура и тоа општа пред се, ни фали човечност, ни фали душа.
Да научиме да се сакаме, да се бориме против криминалот во врвот, против корупција, да се бориме за подобро здравство, да се бориме против чумата што не зафати – иселувањето на 1/4 население(досега)!

А иселувањето како македонци, северномакедонци или бугари ќе продолжи ако не го промениме менталниот склоп. Е за тоа да се бориме како за имево што се јадеме меѓу себе, така ќе успееме. 27 години не оставија да си играме држава, ние како деца се испотепавме. Можевме да бидеме силна држава со обединет народ, така никој ништо не ќе ни можеше. Сега распрснати по Светот и искарани ќе не мачкаат ко мармалад, кој колку и како сака. Промената на името нема да ни ги реши проблемите во кои гноиме како општество, промена на името кога тогаш ќе се случи, сите знаете дека за тоа не одлучуваме ние туку некои многу поголеми и посилни од нас кои милум или силум ќе го направат тоа што наумиле.

За мене не е важно дали некој се вика Бојан, Стојан, Петко, Рамче, Селим, Ибраим, Јорго, Панајот. Не ми е важно од која вера, нација или фамилија е, важно ми е каков човек е!

Бојан Чунде

loading...