По професија филозоф, во душа непоправлив оптимист. Мими Стојановска, 34 годишна скопјанка, сопруга и мајка на две деца, од неодамна отвори свој јутјуб канал на кој чита книги. „Слушај книга, читам за Вас“ е наменет за сите оние кои не сакаат да читаат, но сакаат да знаат што пишува во книгите.

Мими Стојановска – извор Приватна архиваГолемата љубителка на книги доживеала целосна животна трансформација од само стотина страници на, сега веќе, нејзиното омилено четиво.

„ Првата книга со која го започнав каналот, е и единствената која вистински ми го промени животот, едноставно можеби затоа што сум била подготвена за промена. Се вика „Е баш ме заболе“ од Марк Менсон. Но, имам повеќемина блиски луѓе кои се „мрзеливи“ за читање, а бидејќи тие луѓе ми значат нешто, сакав некако да им ја пренесам книгата од А до Ш. Па така, почнав да им ја читам на глас, а тие да слушаат. И на крајот, се разбира, и кај нив направи позитивни промени. Морав да најдам начин да ја доближам до што поголем број на луѓе, а притоа да не останам без глас 😊. Денешницава барем со тоа нѐ има „благословено“, интернет и социјални медиуми, така што не беше потребно многу размислување како да се изведе сето тоа. И ете го – ју тјуб канал“, вели Стојановска.

Велат, оној што не чита не е во никаква предност од оној што не знае да чита. Стојановска не направила никакви анализи на пазарот, зашто нејзината идеја е да „маѓепса“ колку што може повеќе луѓе со книги кои можат целосно да ги променат, а не да заработува.

„ Доволно ми е што знам дека постојат луѓе што повеќе сакаат да слушаат, отколку да читаат. Колку се, толку се, токму се. Ваквите статистики се за бизнисите кои планираат заработувачка. Јас со ова, единствено се надевам на убава промена, па макар и кај еден човек“, уверливо одговара Стојановска.

Нема старо, младо, нема машко, женско. Јутјуб каналот на Стојановска е отворен за сите кои сакаат да слушаат книга додека им чита друг.

За селекција на книгите се води исклучиво од личен порив, но не го отфрла фактот дека во иднина ќе го прави тоа и на предлог од нејзината читателска публика.

„ Сѐ уште немам селекција, на почеток сум. Знам само дека наредното читање ќе биде литература за деца, најверојатно приказни за добра ноќ. Потоа, повторно за возрасни, и сѐ така најизменично“.

Книгата е посебна цивилизациска придобивка. Стојановска смета дека преку иновативни начини може содржината да и се доближи на публиката.

„Едниствено човекот како вид, го има луксузиот да пренесува, да процесира, да анализира, и воопшто, да има мисли. Нека ужива во тој луксуз“, истакнува Мими.

Не планира. Остава каналот да трае додека има кој да го слуша. Ова интервју со кое и посакуваме многу отворени уши го завршува со посебна мисла:

„Не сум некој човек што планира што било (освен можеби денешниот ручек 😊 ) Имам еден мудар пријател кој вели: „Разгази го прво овој чевел, па потоа облечи друг“. Ете тоа планирам, да го послушам “.

 

Мими СРЕЌЕН РОДЕНДЕН, од редакцијата на Револуционер.

 

Извор : ВезилкаМагазин

loading...