Откако ги обнови договорите со поголем дел од стандардните првотимци што играа во минатата сезона, тимот на Бутел Скопје ги засили своите редови со петмина кадетски репрезентативци, кои лани беа дел од прволигашки клувбови.

Станува збор за десното крило Бојан Спасовски (18/182/76), голманот Дино Трајчевски (17/184/83), пикерот Стефан Стојчевиќ (17/206/99), средниот бек Марко Митев (17/182/73) и левиот бек Едвин Омерагиќ (17/197/94)

Моите почетоци беа токму во Бутел Скопје, а по трите сезони во Аеродром и настапите во Првата лига, се враќам во матичниот клуб кој игра во Суперлигата. Очекувам да добијам минутажа и да напредувам многу. Отсекогаш ми беше предизвик да играм во голем клуб како Бутел, вели Спасовски.

Досега бев дел од тимот на Аеродром, каде што од Тања Андреева можев многу да научам од голманските вештини. За мене важен момент е што тренерот на Бутел, Кристијан Грчевски е поранешен голман и со него ќе можам да напредувам во кариерата, вели Трајчевски.

Во Бутел Скопје доаѓам од тимот на Аеродром каде што играв седум сезони уште од моите почетоци. Се решив да го прифатам овој предизвик со оглед на тоа што Бутел игра во Суперлигата, а на мојата позиција играат искусни играчи од кои ќе можам да научам многу, вели Стојчевиќ.

Последните две сезони играв за прволигашот Аеродром, а ова е мој прв трансфер и голем предизвик кој со задоволство го прифаќам. Сметам дека многу можам да научам од поискусните играчи во Бутел, а ќе напредувам и низ настапите во Суперлигата. Очекувам минутажа и се надевам ќе ги оправдам очекувањата, вели Митев.

Започнав да тренирам во Академијата Алушовски, а потоа бев член на клубот Шампион. Играв и за Аеродром во Првата лига, но сега станав член на клуб со долгогодишна традиција, поддржан од добар спонзор, има квалитетни и искусни играчи, со добра енергија меѓу сите. Се надевам дека ќе можам да напредувам и да учам од сите, да влезам во добра форма и технички да се усовршам. Не размислувам за минутажа, свесен сум дека со макотрпна работа и голема посветеност, таа сама ќе си дојде, вели Омерагиќ

loading...