Австрискиот канцелар Себастијан Курц одговораше на прашања од парламентарната комисија за истрага за корупција во врска со донации од компании и политички мотивирани именувања.

Парламентарците побараа Курц да ги предаде својот планер и пораките од мобилниот телефон, но конзервативниот лидер одби.

Курц е највисоко позициониран политичар во истрагата за евентуална корупција во неговата Народна партија (ОВП) и екстремно десничарската Партија на слободата (ФПО), кои владееја заедно од крајот на 2017 година до мај минатата година.

Истрагата беше покрената откако во јавноста беше објавено видео од поранешниот лидер на ФПО, Хајнц-Кристијан Штрахе, кој на Ибица зборуваше за политички донации од големи австриски компании.

Штрахе ја споменуваше и „Новоматик“, компанија која се бави со технологија за обложувалници, така што опозициските партии се сомневаат дека била политички фаворизирана со законот за обложување.

Курц рече дека неговата партија не прима донации од компании за обложување, ниту од оние што поизведуваат оружје.

Тој, исто така, истакна дека не учествувал во назначувањата што ги испитува парламентот, како на пример она со кое член на ФПО бил вработен во групација поврзана со „Новоматик“.

Тој додаде дека сите негови преписки со Штрахе се избришани.

„Не можам да ги предадам затоа што веќе не ги поседувам“, рече конзервативниот лидер.

loading...