Објавена е книга „Патот на успехот“ посветена на истакнати иселеници во македонската дијаспора. Проектот е заедничка соработка на Агенцијата за иселеништво во соработка со Симона Ристевска, а со поддршка на Министерството за култура. На проектот што првпат се реализира во Агенцијата за ислеништво се работело во изминатите две години.

– „Патот на успехот” е промотивна книга за успешните Македонци во македонската дијаспора, кои во потрага по своја лична афирмација надвор од земјата на своето потекло, ја афирмираат и неа самата, вели Ристевска во пишана изјава.

Книгата  на 130 страници содржи 39 интервјуа со истакнати и афирмирани Македонци во дијаспората.

– Темелните и опсежните разговори, беа преточени во промотивни интервјуа, кои се светол пример за успешни и реализирани личности во средните на нивното живеење, како и патоказ и поттик за идни успешни млади генерации. Една од неколкуте цели за создавањето на „Патот на успехот”, e и промоција на успешните Македонците во матичната земја. Во овие 39 интервјуа се застапени разговори со познати македонски бизнисмени, уметници, доктори, правници, економисти, студенти, спортисти, 39 личности со сјајни и посебно мотивирачки приказни. „Патот на успехот” е галерија на успешни македонски иселеници, наведува Ристевска.

Најавува дека проектот „ Патот на успехот”, ќе продолжи и понатаму во иста или изменета форма, но оти ќе ја задржи главната цел, афирмација на Република Северна Македонија преку афирмација на нашите иселеници.

loading...