Насловот е новинарска класика да привлече читаност затоа што денеска сте окупирани со избори, а веста дека Владимир Панчевски е во притвор заслужува мало внимание. Сепак, постов не е празен.

Нема да се сетам точно која година беше, но изминати се сигурно пет или шест, но знам дека тогаш тој беше претседател на Кривичниот суд, а јас како новинар – репортер имав неколку состаноци во неговиот кабинет. Во еден период и зачестено комунициравме, како начин да стекнеме доверба помеѓу извор и истражувач. На еден од состаноците Панчевски ме убедуваше дека треба да станам портпарол на судот, но бев категоричен дека нема да сменам професија во таа насока. Потоа, следната понуда беше да станам портпарол кај Јавниот обвинител Марко Зврлевски, но мојот став беше непроменет. На оваа втора понуда ми текна дека конкурсите за судски и обвинителски портпарол се завршени и дека и да сакам немам прилика.

Панчевски ми се довери дека се уште не е избран ниту еден од кандидатите и дека ако се нафатам тој ќе поништи еден од конкурсите за да ми се отвори место. Таквото инсистирање, искрено, го сфатив повеќе како замолчување на новинар, отколку дека ми се нуди некаква професионална перспектива. Ако некој уверува дека е толку влијателен и може лесно да влијае на одлуките, кај мене пробудува чувство на горчина, а не на одобрување.

Нејсе, не прифатив, и испаднав во право. Но, тие состаноци Панчевски ги искористи да пласира информации преку моите стории. За волја на вистината понекогаш информациите криеја новинарска приказна, а по објавувањето предизвикуваа реакции во јавноста. Но, во даден момент, кога почувствував дека почнува врз сториите да му влијае личниот интерес, му соопштив нешто за кое бев сериозен, иако тој го прифати со насмевка, со која сакаше да го релативизира мојот став- дека утре (во иднина) ако добијам информации против него и неговото работење дека ќе ги објавам без разлика што одреден период сме имале добра професионална соработка.

И дојде тој ден, не доцнеше многу. Објавив насловна страница со сведоштва на вработени, со име и презиме, за неговото непрофесионално и грубо постапување кон подредените. Таа приказна заврши со пријави кон него и со пресуда за мобинг. Но, очигледно преставува увертира на тоа што допрва следува.

Откако му ја објавив сторијата, во еден ден од најпрофесионален новинар и најдобар истражувач, така ме нарекуваше, станав платеник, предавник и што ли уште не… Дури ми имаше и направено цела семејна хајка на Твитер со лажни конструкции. Наеднаш човекот кој иронично се смееше стана злобник.

Ако сега Панчевски биде осуден, нема да ликувам, нека му служи на чест, тој само ќе си го добие тоа што го заслужува. Но, ќе ми биде драго ако неговиот случај биде пример како не треба, односно ќе биде никулец за реформи во судството. Ако падне Панчевски, тоа може ќе значи и многу предмети, ако не и пресуди, дека биле наместени. Ова не смее никогаш, ама никогаш да се повтори. Заради ова немаме правда. Се надевам дека наскоро се ќе биде поинаку.

 

Пишува: Љубиша Арсиќ

loading...