Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, на прес-конференција од Владата ги презентира првичните резултати од јавниот повик за инструментот за технолошки развој за брзо приспособување од третиот пакет-мерки што Владата го усвои на крајот на мај.

Пандемијата ги натера компаниите да го препознаат моментот за дигитализација, па така ИТ-индустријата првпат не е доминантна, туку компаниите од секторот на продажба, трговија и дистрибуција.

Деспотовски го истакна фактот дека 56 % од компаниите што аплицирале со свои инвестициски планови се во сопственост на жена или имаат жена управител, што според него е знак дека жените се похрабри во преземањето ризик во време на криза.

„Целта беше да ѝ се понуди на домашната економија овој период на преживување на компаниите постепено да го трансформираме во период на заздравување. Ова се резултатите од тој напор што го реализира ФИТР. Дел од домашната економија веќе размислува за заздравување“, рече Деспотовски.

Првиот циклус на повикот за економско заздравување е реализиран во периодот од 25 мај до 3 јули. Има рекордно голем интерес на домашните компании.

„Над 2.100 компании подигнаа апликациски пакети, што е индикатор и мене ме радува дека домашната економија размислува како да се развива во периодот што следува. Само во рамките на првиот циклус, кој го затворивме на 3 јули, имаме пристигнато 166 инвестициски планови од исто толкав број на домашни субјекти“, рече Деспотовски.

Вкупниот обем на овие инвестициски планови изнесува над 291 милион денари, односно речиси 5 милиони евра.

61 % се средства што ги побаруваат компаниите од ФИТР во рамките на програмата, а 39 отсто се средства што компаниите изразиле подготвеност да ги вложат самостојно.

„Со овие бројки можам да кажам дека оние средства што првично ги предвидовме за програмата за економско заздравување, 200 милиони денари, фактички со првиот циклус веќе во 90 % очекуваме да бидат реализирани.

Ова подразбира дека секој следен циклус, ФИТР во соработка со Владата, ќе треба да обезбеди дополнителен износ на средства“, рече Деспотовски.

Од овие 166 инвестициски планови, 88 % ќе продолжат во следната фаза на евалуација, а 12 %, бидејќи се неподобни, завршуваат тука. Некои од тие во некоја фаза се откажале или во изминатите две години регистрирале загуба во работењето.

За неподобни се сметале големи претпријатија што не биле опфатени во оваа фаза, меѓутоа веќе се работи да се најде начин и тие да бидат опфатени.

76 % првпат се јавуваат за користење средства, 16 % се компании што се обиделе порано, а досега не успеале да добијат средства, а 8 % се компании што и порано користеле средства од ФИТР.

„ФИТР треба бргу да дејствува. Нашата цел е фазата на претселекција да заврши до крајот на следната недела. Фазата на финална селекција ќе ја реализираат пет странски експерти и треба да заврши до средината на август, а од почетокот на септември се очекува да влеземе во фаза на инвестициски циклус на економско заздравување“, рече Деспотовски.

Средствата што ги доделува ФИТР за инвестициските планови не се неповратни.

Компаниите овие пари ќе ги вратат назад во Фондот во следните три години преку учество во добивката, која се очекува дека ќе се реализира.

loading...