Од утре (24 јули) до 31 јули, во Кина ќе се одржи Првиот меѓународен виртуелен саем на книгата, на кој ќе учествува и „Македоника литера“. Во услови на актуелната пандемија во светот, ова е прв ваков меѓународен настан во светот, а го организира глобалната кинеска медиумска корпорација Кинеска интернационална издавачка група (ЦИПГ).

Саемот на книгата ќе биде претставен во 3Д технологија за виртуелна реалност, високо прикажувајќи ги физичките книги како присутни, и создавајќи платформа за прикажување што опфаќа време и простор во глобалната издавачка индустрија за светот. Се очекува на овој начин да се воспоставан нови канали на соработка во издаваштвото и да се поттикне читањето книги.

„Македоника литера“ учествува со свои видео и визуелни материјали кои се однесуваат на кинеските книги за деца објавени на македонски јазик во рамките на едицијата „Најдобрата кинеска литература за деца“, како и на севкупната дејност на „Македоника литера“.

Во рамките на глобалната медиумска корпорација Кинеска интернационална издавачка група (ЦИПГ), меѓу другото, работат и седум издавачи, чија дејност е насочена на меѓународна размена во издаваштвото. Еден од седумте издавачи е „Делфин букс“, со кого соработува „Македоника литера“ и со кого копродукциски веќе издадоа 13 тома од едицијата „Најдобрата кинеска литература за деца“, како дел од Одделот за кинески книги на македонски јазик што го формираа двата издавачи.

Во рамките на соработка со „Делфин букс“ и ЦИПГ, „Македоника литера“ неодамна учествуваше и во меѓународната кампања „Читајте книги на Интернет“ и на Меѓународниот е-симпозиум за издавачки теми актуелни со новата ситуација на пандемијата, што го организираше ЦИПГ, а на кој учествуваше Нове Цветаноски, управителот на „Македоника литера“.

Инаку, редовниот 27. Меѓународен саем на книгата во Пекинг ќе се одржи од 26 до 30 август, на кој исто така, на штандовите на партнерите издавачи ќе бидат изложени и кинеските изданија на „Македоника литера“. Изданија на „Македоника литера“ на овој саем беа изложувани и во изминатите три години. Годинашниот меѓународен саем на книгата во Пекинг ќе се одржи под мотото „Живеј читајќи“, а една од поголемите манифестации на саемот ќе биде изложбата на книги за деца, на која ќе бидат изложени десет илјади наслови на 14 јазици, меѓу кои и на македонски.

 

loading...