Утрово во полусон почнаа да ми се моткаат низ главата онакви фрази, што за жал се само најчесто празно изговорени фрази на говорници кои што зборуваат за мир во светот, еднаков третман на сите луѓе на планетава и еколошки спас на топкава што едвај не држи. Затоа и веќе ми се одбивни говорите на разните мотивациски говорници, активисти и мисови на светот, зашто она што го гледаме рефлектира една поинаква реалност од таа што ја проповедаат. Знаеме и гледаме каква е ситуацијата на терен. Безмилосен капитализам, милиони гладни, жедни и болни, обесправени на тони, нарушен еко систем, несовесност распослана на секоја педа, себичност, грубост и узурпирана слобода на ангро. Затоа дотуркавме до каде што дотуркавме. Пандемијава само ја драматизираше фактичката состојба, односно како со лоша шминка ги истакна најгрубите црти на лицето на лицето на господинот наречен живот.

Ќе помине и оваа криза, ќе треба да се вратиме во вообичаените колосеци, но длабоко сум замислена какви сакам да бидат тие. Од срце посакувам овој стресен момент, кој тектонски не измести на сите полиња, да не стави во еден поинаков, похуман тек. Оваа криза донесе и многу позитивни нешта кои треба да се основа за менување на навиките. Многу луѓе, притиснати од стравовите се свртеа кон природата, почнаа да си ја запознаваат татковината, се качија на велосипеди, почнаа поздраво да се хранат. Многумина беа приморани експресно да навлезат во дигиталните технологии заради задржување на работните места. Почна да се држи дистанца во маркетите, хигиената се издигна на повисоко ниво. Луѓето почнаа да си ги слушаат телата, потребите и да го надминуваат стресот со повторно занимавање со старите хобија. Некои открија дека имаат скриени таленти. Некои, за жал после карантините открија дека семејствата и браковите им се фиктивни, неодржливи творби, а некои си ги потврдија своите добри инвестиции во животот. Аномалиите во системот, барем во нашата земја ги знаевме поодамна, но сега директно и масовно се соочивме со нив. Сега видовме кои политичари се и луѓе кои искрено сакаат да помогнат на заедницата, а кои се егоистични фигури кои ги интересира само личниот интерес. Се покажаа и газдите и раководителите кои вистински си ги сакаат вработените, а кои ги сметаат за ефтина работна сила за еднократна употреба. Сега на мегдан излезе кои ни се соседите, пријателите, колегите, но и кои сме ние наспроти нив. Сѐ се виде јасно како ден.

Но, што понатаму. Откако ќе ги зацелиме своите рани, треба да им се најдеме при рака на оние кои нема да успеат да се зацелат самите. Треба да се осврнеме околу нас и да си го исчистиме отпадот од маски, храна, кучешки измет и најтоксичниот отпад од лоши мисли, лоши дела и лоши зборови упатени едни кон други. Да им дадеме шут карта на сите лоши раководители на нашите животи во сите сегменти од нашето живеење, да не ги заборавиме добрите новонаучени лекции, да ги задржиме новите здрави навики (хигиена, дистанца и ред на јавните места и објекти, почитување на правила што ни носат заеднички бенефит, пешачење и возење велосипеди и сл.). И секако, економизација на секој можен начин. Да се задржи и унапреди онлајн наставата и работењето, целосно или делумно секаде каде што може (онлајн учење, пазарување, плаќање), да се релаксираат беспотребните гужви, да се санкционираат СИТЕ оние кои ни штетат на животот, на овој или оној начин. Конечно, кога не можевме да се опаметиме по мирнодопски пат, барем да се свестиме во криза.

 

Пишува: Бранка Костиќ Марковиќ

loading...