Иако Западен Балкан често се претставува како жариште на незаконски активности, регионот е релативно мал пазар за глобалниот организиран криминал.

Големите пари се заработуваат на друго место, тврди извештајот на глобалната иницијатива „Транснационален октопод – глобални центри за балканскиот организиран криминал“.

Како што пренесува „Гласот на Америка“, во извештајот, чиј автор е Волтер Кемп, се објаснува зошто и како групите од Западен Балкан се вклучиле во организиран криминал во странство, особено во Јужна Африка, Турција, Австралија и некои земји од Латинска Америка и Западна Европа.

„Во повеќето жаришта криминалните групи од Западен Балкан го променија синџирот на вредности во последните 20 години. Мажите од малите градови на Западен Балкан сега организираат огромни пратки кокаин од латинскоамериканските џунгли преку некои од најпрометните пристаништа на Европа до улиците на нивните престолнини. Морнарите од малите балкански пристаништа користат јахти за испраќање дрога во Јужна Африка и Австралија или мигранти од Турција во Западна Европа. Кокаинот е еден од најпосакуваните производи за криминалците од Западен Балкан“, се вели во извештајот.

Во него се објаснува како групи од регионот се вклучени во финансирање, транспорт и дистрибуција на големи количини кокаин што се доставува од Јужна Америка во Европа.

Според текстот, криминалните групи од Западен Балкан се модерни, динамични и со претприемачки дух. Тие покажале можност за приспособување, примена на иновации и употреба на технологии во своја полза, се вели во извештајот.

„Повеќето криминални групи од Западен Балкан, генерално, работат дискретно и ефикасно во глобалните жаришта и покрај нивната репутација за насилство. Се чини дека насилството меѓу групите е поврзано со порамнувањето сметки – или во рамките на нивните редови или со ривалите“, се објаснува во текстот.

Извештајот сугерира дека нема обединет балкански картел, но предупредува дека групите од регионот понекогаш соработуваат, а постојат и случаи на мултиетнички групи.

loading...