Двете и пол години откако беше избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека Христијан Мицкоски не напредувал политички. Тој не успеа да исполни ниту една празнина од неговата идеолошка супстанца. Ако воопшто ја имал

Дали нарцисоидноста може да се помири со поразот?

Изгледа дека тоа е клучното прашање што ја крши супстанцата на Христијан Мицкоски по поразот на изборите на 15 јули. Поразот е исклучително тесен, само 12 илјади гласови, но е огромен по својата тежина. И асполутно неочекуван во врвните вмровски ешалони, каде изгледа дека веќе беша направена и распределбата на министерските места. Тоа за нив, едноставено, изгледаше како ситуација која е реално незамислива. Тие веруваа дека корупциските афери, особено „Рекет“, природно, космички, ќе натежнат на тагот и дека победата е неизбежна, онака како што зората доаѓа по ноќта (како што Мицкоски порано сакаше да кажува метафори во стилот – темнината е најцрна пред мугрите). Зората, навистина дојде, но не за ВМРО-ДПМНЕ и особено не за него. Тој, очигледно, не успеваше да види дека и во политичката апатија на граѓаните и сериозното незадоволство од сдсмовската власт, има зрно на зрелост – а тоа е дека враќањето назад е полошо од мачната сегашност, на која корона кризата ѝ го удри најсилниот печат.

Во тоа состојба на „гледам, а не виѓавам“ партијата направи многу грешки во кампањата – од бесмислените црни спотови со примитивни пораки; со речникот кој последната недела со грубите, улични и многу навредливи пораки кон главниот ривал оддалечија многу потенцијални гласачи; со избришаната идеологија од политичкото кредо на партијата; со испомешани пораки во кои не се препознаваше нишка која ја води идејата; со исклучивост кон оние што мислат поинаку во вмровскиот партиски кампус, или настаните ги гледаат од друга перспектива; со инсталирање на дигитални хорди кои требаше да го оцрнат како ѓавол секој оној што не е на линијата на „трустот мозоци“ на врвот… И уште многу други работи, кои веројатно ќе се заборавеа ако таква тесна победа беше забележана на вмровското конто.

Една од позначајните грешки што ја направи Мицкоски, а која за него изгледаше како суштински поттик, беше и видео пораката на унгарскиот премир Виктор Орбан. Во неа, човекот што му даде азил на Никола Груевски и го шверцуваше низ многу балкански граници за да избега од правдата, им порача на македонските гласачи: „Ние сме судбински поврзани со вас… Може многу да помагаме едни на други… Ние тука во Унгарија навиваме за нашиот пријател Мицкоски и би сакале како победник да го видиме ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во борбата против миграцијата заедно со нив изградивме соработка базирана на национална гордост…“

Се чини дека и оваа порака може да биде во јадрото на болниот пораз на Мицкоски. Тој или не сфати што значи кога премиерот што му даде азил на човекот кој инсталираше авторитарен режим во земјава вели „ние навиваме за вас“, или пак сфаќал, но морал да ја прифати оваа интервенција, чиј поттекст им е јасен на сите во Македонија. Ги снема сите други поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ од другите сестрински партии (освен срамежливата порака на Јанез Јанша) што минатите изборни циклуси ги гледавме во голем број. Ослонувањето само на Орбан го направи Христијан Мицкоски изолиран надвор, а осамен дома. Но, како дилемата од првата реченица – оној што е опседнат со себеси тешко ги гледа настаните околу себе. А и малку подалеку.

Потрага по сламка

Затоа, непојавувањето пред јавноста вечерта кога се соопштуваа резултатите, утрешното конфузно обраќање на Христијан Мицкоски, кога заборави да им се заблагодари барем на оние што гласаа за неговата партија и сопствената надеж ја одржа со барање сламка во изјавата дека „ВМРО-ДПМНЕ го има најголемиот кредибилитет да се бори за состав на новата влада“ – ја отслика состојбата на своевиден ужас како не може да се израдува барем на една политичка победа откако е на врвот на партијата. Мицкоски беше шеф на изборниот штаб во Четвртата изборна единица во 2016 година, па тогаш на тој мегдан Груевски и Заев добија по 10 пратеници; во 2017 година беше на чело на советничката листа за Град Скопје – ги изгуби тие избори. Во 2018 година реши до последниот ден да не го каже јасно ставот за референдумот, па намерно или опортунистички не ги мотивираше луѓето да излезат и да гласаат против; потоа ја изгуби битката во Собранието околу уставните измени за потоа речиси во солзи да зборува за најголемиот пораз во неговата кариера. Па ги загуби претседателските избори, кога ги убедуваше неговите сопартијци дека Гордана Силјановска-Давкова е единствениот разумен избор за кандидат; а сега ги загуби и парламентарните избори. И за оние што се помалку самозаљубени е премногу, а камоли за тие што се опседнати со себе.

Играта околу статутот е само провидна приказна – да се сврти вниманието од поразот и да наметне некој нов наратив. Но тоа е прозаична заблуда. Тоа може да трае една недела, две. Одговорите ќе мора да се дадат – сега или подоцна. По седницата на Централниот комитет раководството избегна да даде одговори. Пред новинарите беше испратен претседателот на статутарната комисија, адвокатот Панче Тошковски (човек кој навидум има висока функција, а во основа е претставник од вториот, ако не и третиот ешалон), да зборува за демократските дострели на новиот статут. И за провидната мамка дека нема да имало функција почесен претседател (кога таа ја немаше и досега, тој титулар го дава конгресот на партијата, а не статутот) за да може јавноста да ја глода таа фрлена коска. На некој начин тоа изгледа политички легитiмно – да се сврти вниманието и да се збијат редовите во раководството. Но ова купување време набрзо може да се покаже дека не било продуктивно, особено ако Зоран Заев без некои поголеми проблеми ја состави новата влада. Мицкоски може и натаму да остане претседател на ВМРО-ДПМНЕ (тоа сега изгледа како најверојатно сценарио) и партијата да се обидува постојано да ги запретува одговорите за последователните порази, наместо да се соочи со нив. Во некоја рака, тоа изгледа како партиска работа (иако јавноста мисли дека е поинаку), но тоа може да стане ужасен проблем за партијата која толку нестрпливо сакаше да се врати на власт. И која мисли дека природната состојба за неа е да владее, а не да биде некое време во опозиција.

***

Не сме љубители на прераскажување на стари текстови, но во оваа ситуација може да направиме еден исклучок за да не се случи повторување. На првата годишнина од доаѓањето на лидерското место во ВМРО-ДПМНЕ, вашиот автор го објави текстот „Годината на Мицкоски“ во кој пишуваше за менталната, политичката и идеолошката структура на Христијан Мицкоски. Кога денес се гледаат работите од призмата на изборниот пораз и состојбата во партијата, изгледа дека тој не напреднал ниту научил нешто повеќе во политиката. И дека таа прва година ги трасираше поразите на изборите и во парламентот. Затоа еве еден дел од таа политичка вивисекција:

„Мицкоски има чувство за новото време и за новите медиуми, па патот кон лидерството го поплочуваше користејќи ги социјалните мрежи на многу екстензивен начин. Тоа го олесни неговиот допир до многумина. Понекогаш тоа може да изгледа поважно од самата содржина на пораките. Неговото појавување речиси секаде каде што ќе го повикаат – во весниците или телевизиите – го направија поинаков од неговите претходници. Тој покажува дека е гладен да се изложи себеси пред јавноста, да се надмудрува со новинарите, да се обидува да поентира, всушност, да се кали како политичар…

Веројатно искуството од професурата му ја олеснуваа таа задача – тој бил во постојан контакт со нормалниот свет, а не требало да созрева во политичките ходници. Изгледа дека тој би се појавувал и секој ден на телевизиите само со постојаното повторување на едни исти теми да може да убеди што е можно повеќе граѓани дека она што го зборува е вистинското. Некои тоа би го нарекле упорност, други желба за докажување, трети дека тоа е камуфлажа за политичка несигурност.

Тоа е она што него го прави различен од менторот Никола Груевски. Но тоа не е доволно за изградба на еден лидер. Тоа можеби е доволно за влегување во светот на високата македонска политика, но е драматично малку за да стане дел од регионалната политика, а да не зборуваме кога треба да се зачекори на европската сцена… Годината на Мицкоски му даде многу шанси да покаже од каков политички материјал е создаден и да направи отклон од националистичко минато, да фати дел од модерноста и да ја стави партијата на друг колосек кој ќе води од десно кон центарот. Наместо тоа, тој се определи да ја забрза локомотивата од десно кон длабокиот десен бескрај…

Кога ќе се погледне структурата околу Мицкоски јасно се гледа дека нема некоја разработена идеолошка платформа, туку бегство кон идеалното прибежиште на радикалните структури во партијата – национализмот. Примери има многу: од оценките за преговорите со Грција, а потоа потпишувањето на Преспанскиот договор, до окарактеризирањето на оние што извршија упад во Собранието како вистински македонски патриоти, најпосле до бесмислените калкулации со референдумот…

За клучното прашање – дали Христијан Мицкоски има внатрешен материјал и карактер да биде следниот лидер на Македонија, проникливиот комуниколог и аналитичар, Петар Арсовски, има прецизни одговори. Еве што вели Арсовски:

‘Лидерскиот профил на Мицковски е составен од неколку елементи. Од една страна, тој е оптоварен со лични елементи: притисокот создаден од фактот што е избран како в.д. на Груевски, неговиот личен синдром на нарцисоидност, недостатокот на искуство кое се манифестира како фројдовска компензација со арогантност. Тие работи прават за него да биде тешко реално да ја процени ситуацијата, сопствената позиција и објективност, како и да постави реални и правилни политичко-идеолошки цели’.

Она што Арсовски го нарекува ‘фројдовска компензација со арогантност’ можеше да се забележи на неколку пати оваа година. Еден од тие примери беше епистоларијата со високиот функционер на Стејт департментот, Вес Мичел, кој ја покажа драматичната дискрепанца меѓу два различни света. И во која со несфатлив аматеризам, зачинет со херојско мачеништво, Мицкоски се обидуваше да му одговори зошто ги отфрла американските забелешки за политиката на неговата партија околу Преспанскиот договор. Таа „фројдовска компензација со арогантност“ почна уште со првата реченица на писмото-одговор: ‘Со посебно внимание го прочитав Вашето писмо…’ и така заврши до крајот со метафората за темнината.

Неговиот ‘личен синдром на нарцисоидност’ беше манифестиран и некни по којзнае кој пат. Во интервју за Сител, обидувајќи се да направи дистинкција со побегнатиот поранешен лидер, Мицкоски го изјави ова: „Никола Груевски е минато во ВМРО-ДПМНЕ, иднината во партијата сум јас“. Во сета плурална историја на Македонија никој не ја поставил иднината на една партија со сопственото лидерство. А особено не во ВМРО-ДПМНЕ… Оваа изјава на Мицкоски дадена со мирен тон ја покажува неговата опседнатост со самиот себеси, некакво нејасно чувство за водство за кое веќе никој не смее да има забелешки ако еднаш било дадено и, всушност, јавно објавување на еден егоцентричен свет во чиј центар е само тој, а другите треба да се движат по поблиска или подалечна орбита. Тој се постави себеси најмалку рамен на партијата и тоа не е воопшто добро за неа…

Затоа изгледа појасно зошто тој цврсто образложува дека неговата партија треба да се однесува според комунистичките правила на демократскиот централизам – дискусија во партијата е можна само додека не се донесе одлука, понатаму сите мора да ја спроведуваат таа одлука и да молчат, иако можеби мислат поинаку. Таа наизглед железна дисциплина треба да го прикрие стравот дека работите може да избегаат од контрола ако некој јавно каже дека мисли поинаку околу остварувањето на истата цел. Тој демократски централизам востановен уште во раните болшевички времиња на Советскиот Сојуз, Мицкоски сега го претставува како демократска придобивка. Во основата на тоа е стравот дека некој може да ја поткопа неговата самозамислена аура”.

***

Двете и пол години откако беше избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека Христијан Мицкоски, всушност, не напредувал политички. Секако, тој сега е комуникациски повешт, но не успеа да исполни ниту една празнина од неговата идеолошка супстанца. Ако воопшто ја имал. Партијата сега и нема некаква идологија – оставете ги настрана фразерските прокламации што ги прочита Панче Тошковски дека според статутот ВМРО-ДПМНЕ е „народна, државотворна, демократска партија со конзервативна идеологија, која што ги застапува и штити македонските национални интереси, негува европски демохристијански традиции и промовира универзални хуманистички вредности“. Тоа се флоскули кои се напишани во некој член, но не кажуваат ништо. Кои се сегашните идеолошки умови на партијата? Тоа е исклучително тешко прашање за одговарење. Тоа е како составување на некоја сложувалка за која не се знае дали ги има сите делови. И дали некој намерно не ги фрлил во канта за да ги снема.

Андреј Пленковиќ со ХДЗ однесе триумф на неодамнешните избори во Хрватска затоа што разбра што треба да прави. Прво во март на вантрепартиските избори (таму претседателот и раководните органи на партијата се бираат со гласање на сите членови) ги отстрани од клучните места оние што ја влечеа ХДЗ кон крајната десница, туку ги промовираше оние кои се залагаат за приближување кон центарот. Кои ќе се воздржат од националистичката реторика и ќе понудат место за многумина под пошироката граѓанска наметка. Пленковиќ тоа го изведе извонредно и успеа да привлече голем дел од неопределените, кои вообичаено би гласале за левицата. Неговиот побратим од Европската народна партија, Христијан Мицкоски, тргна во другиот правец – наместо да го прошири пледоајето, тој работеше со сите сили (свесно или несвесно) да го стесни и се насочи кон илибералниот свет на партискиот гуру – Орбан. Затоа неговиот пораз изгледаше неизбежен.

Позицијата во која се наоѓа тој и неговата партија сега изгледаат како стиховите од онаа фантастична песна „Епитаф“ на генијалната група „Кинг Кримсон“. Рефренот од неа оди вака:

Confusion will be my epitaph/ As I crawl a cracked and broken path/ If we make it, we can all sit back and laugh/ But I fear, tomorrow, I’ll be crying/ Yes, I fear, tomorrow, I’ll be crying (Kонфузијата ќе биде мојот епитаф/ Додека ползам по испукан и уништен пат/ Ако го направиме тоа, сите можеме да седнеме и да се смееме/ Но се плашам, утре, ќе плачам/ Да, се плашам, утре ќе плачам)

Овдешните „бурбони“ мислеа дека реставрацијата им е речиси сигурна, само треба да помине денот на гласањето. „Тие не научија ништо и не заборавија ништо“, како што ги оквалификува вистинските Бурбони, прославениот дипломат Талјеран. Како што Бурбоните во Франција не се откажаа од териториите што ги освои Наполеон, така и овдешните „бурбони“ немаше да се откажат од Преспанскиот договор, ниту од членството во НАТО, ниту од законот за јазиците. Нивната цел е едноставна како и на сите ројалисти – да владеат со секој сегмент на општеството, за кое мислат дека некој неправедно им го украл.

Во неверувањето од поразот ним им остана само конфузијата како епитаф на едно лидерство.

 

Љупчо Поповски

 

Извор: Дојче веле

loading...