Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива за утре најавија Марш за демократија, кој, како што велаат од партиите, има за цел да ја заштити демократијата и да ја врати довербата на граѓаните во демократските вредности.

Маршот ќе започне во 19 часот од паркот Чаир, ќе продолжи преку улицата Цветан Димов, кај трговскиот центар „Мавровка“, потоа пред Владата и ќе заврши во 20 часот пред канцелариите на Делегацијата на Европската унија.

„Маршот за демократија не е само протест. Туку е јавен израз на волјата на албанскиот граѓанин во Северна Македонија, кој по последните избори смета дека сериозно се оштетени демократијата и начинот на изразување на слободната волја на албанскиот граѓанин. Како знак на револт за потиснување на највозвишеното право на слободното гласање, овој марш – токму пред седиштето на Делегацијата на Европската унија во Скопје – ќе испрати јасна порака дека една држава која што ги започнува преговорите за членство во ЕУ не смее да дозволи дел од нејзините граѓани да бидат лишени од правото да избираат и бидат избрани, што е основното човечко и политичко право во ЕУ“, велат од коалицијата.

Од таму велат дека за да се избегне каква билo можност за зараза се погрижиле и за бројот на учесниците.

„Впрочем, за коалицијата ништо не е поважно од здравјето. Затоа, заштитните маски и одржувањето дистанца, како и грижата за здравјето на учесниците се задолжителни обврски за успешна граѓанска акција“, велат од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.

loading...