Во Австрија на полноќ стапија во сила нови мерки за влез во земјата од таканаречените ризични региони.

Тоа се однесува на сите земји од Западен Балкан.

За граѓаните на Австрија, ЕУ, Европската економска заедница, Швајцарија, како и сите државјани на трети земји кои живеат во Австрија, при враќање од регионите со висок ризик, според уредбата на Министерството за здравство, новите мерки значат дека тие на граница мора да покажат негативен ПЦР-тест, кој не смее да биде постар од три дена.

Доколку немаат ПЦР-тест при влезот, тие треба да одат во самоизолација, која се прекинува со ПЦР-тест што мора да се направи во рок од 48 часа, на сопствен трошок во Австрија.

Доколку ПЦР-тест не се направи во рок од 48 часа, на лицето ќе му се изрече парична казна до 1.450 евра.

Задолжителен карантин дури и во случај на негативен ПЦР-тест е предвиден само за државјани на трети земји кои немаат престој во Австрија, но кои, сепак, сè уште не можат да влезат во Австрија без „валидна причина“.

Уредбата исто така го намали времетраењето на самоизолацијата, од претходните 14 на 10 дена, а државјаните на трети земји не можат да ја прекинат самоизолацијата дури и со ново тестирање во Австрија.

Посебно правило важи за дипломатите, сезонската работна сила и негувателите од трети земји, а тоа е дека тие мора да покажат негативен ПЦР-тест и да одат во десетдневен карантин, што може да го напуштат по новиот тест направен во Австрија, се разбира само ако е негативен.

Транзит низ Австрија без запирање е можно, според прописите, без никакви ограничувања.

Во уредбата се наведуваат и регионите со ризик, во кои се вклучени 32 земји – Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Бразил, Бангладеш, Белорусија, Египет, Чиле, Еквадор, Индија, Индонезија, Иран, Косово, Мексико, Молдавија, Нигерија, Северна Македонија, Пакистан, Перу, Филипини, Португалија, Романија, Русија, Шведска, Сенегал, Србија, Јужна Африка, Турција, Украина, САД и кинеската провинција Хубеи.

За луѓето кои се веќе во странство, новите правила ќе важат од 1 август.

loading...