За време на претстојниот празничен викенд, сите граѓани кои ќе имаат потреба од здравствена услуга може да се обратат во најблискиот здравствен дом, каде е обезбедена 24- часовна покриеност со екипи од Итната медицинска помош и домашна посета.

Како што соопшти Министерството за здравство на Фејсбук, во Скопје – дежурните ординации во трета смена, во недела и празници ќе работат поликлиниките Јане Сандански, Чаир, Ченто, Шуто Оризари, Ѓорче Петров, Драчево и Бит Пазар. Со вообичаено работно време ќе функционира и единицата за домашно лекување.

Во Охрид и околината, пациентите можат да се обратат во Службата за ИМП, а по потреба пациентите се упатуваат во Општа болница Охрид.

Центарот за јавно здравје Охрид во текот на претстојниот викенд ќе има дежурни служби во одделението за лабораториска дејност-микробиологија за прием и вршење редовни микробиолошки анализи, во периодот утре, 1 август, од 8 до 12 часот.

Ковид-пунктот во Охрид ќе биде достапен утре од 8 до 12 часот за закажаните пациенти преку Мој Термин за земање материјали за тестирање.

Во Струга, како што соопшти Министерството, е обезбедена 24-часовна здравствена заштита преку дежурни лекарски екипи во службата за Итна помош и домашна посета (контакт телефон: 076/203 533).

Во реонот на Дојран, обезбедена е здравствена заштита со дежурна екипа од Општа болница со проширена дејност – Гевгелија во амбулантата во Дојран од 8 наутро до 20 часот навечер, по што граѓаните ќе можат да се обратат во службата за ИМП, која функционира на повик (контакт телефон 070/393961).

Во рамки на Здравствен дом Берово, обезбедена е 24-часовна покриеност од службата за ИМП (контакт телефон: 078 447 603, 033 471 002).

Во реонот на Преспа и Ресен, Здравствениот дом во Ресен обезбедува 24-часовна покриеност од службата за ИМП, која има на располагање за претстојниот викенд две медицински екипи.

Здравствен дом Ростуше ќе обезбеди континуирана здравствена заштита преку службата за ИМП во реонот на Маврово и околните населени места, наведуваат од Министерството.

loading...